ДАНСКА - ШПАНИЈА 25:29 (14:13)
Данците кои беа најголеми фаворити за златото на Евро 2022, играа фуриозно на турнирот сè до последното коло од втората групна фаза кога решија да ги одмораат своите најдобри играчи Хансен и Гидсел и практично да калкулираат пред самата завршница. Таквата надменост да сметаат дека со Шпанија полесно ќе поминат, ги чинеше вечерва многу.
Данска во тој „спорен“ меч водеше речиси во текот на сите шеесет минути со Франција но на крајот триколорите славеа по луд пресврт и обезбедија пласман во полуфинале. А таму вечерва гледавме две сјајни драми.
Селекторот на Шпанија Валери Рибера беше клучна фигура на првиот полуфинален дуел. Во целост го надмудри данскиот селектор откако го отсече најдобриот играч во досегашниот тек на првенството Матиас Гидсел кој до средбата со „црвената фурија“ имаше само 1 промашување од игра а вечерва дури 3.
И покрај тоа, Данска предводена од Хансен одлично стартуваше и во првиот дел имаше предност и од четири гола. На паузата сепак Шпанците задоволно заминаа со само -1 гол разлика.
Во вториот дел како други екипи да излегоа на терен па Шпанците не само што го презедоа водството, туку одиграа спектакуларен ракомет а јунак на мечот беше голманот Гонзало Перез де Варгас со дури 14 чисти одбрани.
Шпанија резултатски постојано се одлепуваше, Данска се обиде но не успеа да стигне и на крајот момците на Рибера заслужено одат во финале. Најдобар играч на мечот беше Абељо Гомез со дури 11 гола. Некогашниот Вардарец Жоан Кањељас запиша седум погодоци а по три Трехо Фигерас и Марсело Касадо.
Шпанците се актуелни европски шампиони и ќе одат по трето последователно злато со што би го повториле подвигот на нивниот ривал во финалето Шведска која освојуваше злато во 1998, 2000 и 2002. Кај Данците Хансен постигна осум гола, Ландин Јакобсен четири а по три Гидсен и Магнус Саугструп.
За Шпанците ова беше шесто полуфинале по ред на Европско првенство, ќе го играат четвртото финале по ред на едно Евро од каде имаат две последователни шампионски титули!
ШВЕДСКА - ФРАНЦИЈА 34:33 (17:14)
Откако Шпанците им приредија студен туш на Данците, на ред беше второто полуфинале. Дуел меѓу ракометните титани Шведска и олимпискиот шампион Франција.
Швеѓаните со ист рецепт како Шпанците - тимска игра, крајна мотивираност и епска пожртвуваност го урнаа големиот ривал.
Херој на скандинавците беше голманот Андреас Паличка кој правеше чуда на голот и имаше партија за ракометни учебници.
Паличка претходните неколку дена беше изолиран поради позитивен тест и се врати баш за полуфиналниот дуел. Не само што бранеше во транс туку и во првиот дел во рок од неколку минути постигна дури три гола од своето поле што е незапаметено во светскиот ракомет.
Наместо „проектираното“ финале Франција - Данска, ќе ги гледаме бранителот на титулата Шпанија и најтрофејната селекција од европските првенства Шведска која има четири трофеи од континенталните шампионати.
Швеѓаните против силната Франција истрчаа без нивното стартно крило Екберг и првиот стрелец во екипата Ване.
На стартот триколорите тргнаа надмоќно и поведоа со неверојатни 5:1. Но од тој момент Шведска се консолидираше и до крајот од мечот играше како во транс.
На полувреме викинзите водеа +3 гола разлика а во вториот дел само ја зголемуваа разликата и до +5. Не ги поколеба ниту враќањето на Карабатиќ и другарите во игра кои ја топеа предноста на Шведска но не успеаа во целост.
На крајот се случи права драма.
Франција се врати на -2 на минута и 10 секунди пред крајот. Брзо намалија на само еден гол негатива и во последните неколку секунди Швеѓаните ја изгубија топката па „галските петли“ добија можност преку брза контра да го однесат мечот во продолженија.
укас Фабрегас имаше зицер еден на еден против шведскиот голман Паличка кој на невозможен начин со шпага спречи нова драма за огромна радост на шведските навивачи.
На крајот со 12 одбрани и 3 постигнати гола Паличка беше јунак на мечот, но признанието играч на натпреварот со право го доби Јим Готфридсон кој го одигра натпреварот на животот со 9 гола и само еден промашај. Лукас Пелас постигна 7 гола и на маестрален начин го замени Ване а Карлсбогард и Карл Валинијус постигнаа по пет односо четири погодоци.
Кај поразените Французи Иго Деска блескаше со осум гола колку што имаше и новата сензација во нивниот тим Ајмерик Мин. Фабрегас погоди 5 од 5 обиди.
Во недела прво се игра мечот за трето место и големото финале.