Со победата против Чешка минатиот викенд, Македонија ја завери визата за Европското првенство во Полска кое се игра во јануари идната година, а меѓу 7.000-те навивачи во „Борис Трајковски“ беше и американскиот амбасадор Џес Бејли.
Ракометот во неговата земја е речиси непознат спорт, но тој со задоволство по втор пат оди во сала да ја бодри македонската ракометна репрезентација. На оваа тема интервју му прават на официјалниот сајт за ЕП Полска 2016.
„Прв пат гледав ракомет на телевизија кога бев студент во Франција во 70-те, но првиот меч во живо ми беше во април годинава кога се сретнаа Македонија и Франција. Бев поканет како гостин на македонската ракометна репрезентација. Резултатот на мечот беше тесен и се играше брзо со талентирани играчи. Македонија загуби од Светскиот првак, но домаќините ми рекоа дека тука ќе гостува и Чешка и јас се вратив“.
Бејли од спорт најмногу следи бејзбол и навива за екипата на Cincinnati Reds, а искуството од мечот Македонија – Чешка вели дека нема така лесно да го заборави.
„Атмосферата беше напната со многу дух и бучава, со многу црвено-жолти знамиња, вклучително и огромното знаме кое беше распространето врз половина публика од салата додека се пееше химната. Натпреварот беше тесен со некои фантастични голови. Македонија го зголеми резултат на крајот од првото полувреме благодарение на лидерот Кирил Лазаров. Неколку луѓе си ги гризеа ноктите“, објаснува американскиот амбасадор“.
На прашањето дали по неделниот меч ќе биде навивач плус на Македонија на Европското во Полска, тој им одговори на македонски: Апсолутно.