Причината за ваквата суспензија лежи во нерегуларните избори во Кошаркарскиот сојуз на Русија.
„Министерството за спорт и Олимпискиот комитет на Русија нека мислат за тоа. Под знак прашање е ставено и учеството на Русија на европските првенства и на ОИ 2016 во Рио де Жанеиро", констатираше за Итар Тас Сергеј Чернов, член на Извршниот одбор на ФИБА и почесен претседател на руската кошаркарска федерација.
Одлуката за тоа дали ќе ја гледаме Русија на претстојното ЕП кое се игра во четири земји и кое почнува на 5. септември ќе падне на Централниот собир на ФИБА во Токио на 7. август. Русите првично беа во групата А со Полска, Финска, БиХ и Израел. Сите руски кошаркарски селекции во моментов се суспендирани од ФИБА.
„Руската кошаркарска федерација прими писмо во кое се гледа дека не е наведена меѓу членките на ФИБА“, додаде Чернов.
ФИБА сепак ѝ дозволи на женската селекција на Русија до 18 години да игра на ЕП кое започнува утре во Словенија, додека на селекциите до 16 години во машка и женска конкуренција им забрани настап на турнирите.
Суспензијата ќе биде тежок удар по руската кошарка, која беше меѓу фаворитите за завршницата на ЕП. Меѓу кандидатите за претседател на руската кошаркарска федерација беше и доскорешниот НБА играч, Андреј Кириленко. Руската селекција веќе ги почна подоготовките за настап на ЕП, турнир на кој може да се обезбеди виза за ЛОИ во Рио следната година.