Сезона 2015/2016, групна фаза - актер Мирослав Радуљица
На мечот Локомотив Кубан - Панатинаикос, центарот на гостите Мирослав Радуљица фрустриран од лошиот шут, 3/8 реши нервозата да ја искали на домашниот играч Евгениј Воронов кого го удри силно во стомакот. На успорената снимка точно се гледа дека Радуљица имал намера. Судиите досудија неспортска, а овој груб фаул може да биде преседан Евролигата подрастично да ги казнува намерните фаули, иако генерално во ова натпреварување немало многу груби стартови.
Сезона 2013/2014, 2. коло од Топ 16 фазата - актер Гај Пнини
Сличен инцидент се случи пред пар сезони, а во улога на жртва повторно беше играч на Локомотив. На мечот против Макаби, Алекс Мариќ беше незапирлив, така што домашниот играч Гај Пнини, познат по неспортско однесување, го удри Србинот таму каде што најмногу боли. За време на мечот Пнини не беше санкциониран, но подоцна управата на Евролигата реши парично да го казни со 13.000 евра.
Сезона 2014/2015, 8. коло од Топ 16 фазата - актер Милош Теодосиќ
Глупост направи и кошаркарот кој редовно е на листата на најактривни потези, но еднаш се најде во центарот на вниманието поради тоа што го плукаше судијата на мечот против Фенербахче. Судиите го исклучија, а Евролигата го казни со 2.000 евра.
Сезона 2013/2014 - 7. коло од регуларниот дел од Евролигата - актери Попс Менса-Бонсу, Мирза Бегиќ, Јоргос Принтезис
Во четвртата четвртина од мечот Олимпијакос - Галатасарај, Менса-Бонсу се степа со Мирза Бегиќ. Настана општа тепачка на теренот, а по прекинот гостите не се снајдоа најдобро. За разлика од другите вакви ситуации, овде сериозно се делеа тупаници.
- Центарот на Олимпијакос Мирза Бегиќ доби суспензија од 4 меча и 15.000 евра.
- Крилото на Олимпијакос Јоргос Принтезис доби суспензија од 3 меча и 10.001 евро.
- Центарот на Галатасарај Попс Менса-Бонсу доби суспензија од 3 меча и 10.001 евро.
Сезона 2012/2013 - 3. коло од Топ 16 фазата - актер Руди Фернандес
Можеби најконтроверзен играч во историјата на Евролигата. Руди важи за кошаркар што редовно влегува во конфликт со судиите и противничките играчи. На мечот против Жалгирис, Шпанецот најпрвин со топка намерно го удри Кшиштоф Лавриновиќ, а потоа го плука Јанкунас кој лежеше на паркетот. Казната од 3.500 евра беше симболична за милионерот Руди, кој на реваншот во Каунас беше дочекан со навредливи банери и публиката го исвиркуваше секој негов контакт со топката.
Тоа не им беше доста, па неколку навивачи после мечот го нападнале Руди покрај клупскиот автобус, го плукале и удриле, за што добиле казна од 25.000 евра и кривични пријави.