Што има ново кај Јокиќ? Го мина Вилт Чембрлен по број на асистенции

Само една ноќ откако лекција по кошарка држеше Лука Дончиќ, веднаш по него на ред дојде Никола Јокиќ. Речиси на секој натпревар стигнуваат по некое ново импресивно остварување.

Во дербито на вечерта, Денвер Нагетс ја совлада Минесота со 114:106, а Јокиќ одигра нова блеската партија со 41 поен, 11 скока и 7 асистенции, и фантастичен шут од поле (16/20).

Победа со која Србинот го искачи својот тим на челната позиција на Западната конференција на два меча до крајот на регуларниот дел од сезоната.

Во НБА имаат настапувано плејада на славни центри, како Шекил О`Нил, Дејвид Робинсон, Алонзо Морнинг, Арвидас Сабонис, Патрик Јуинг, Хаким Олајџувон...но никој од нив нема бројка на асистенции како Јокиќ.

Синоќа стана втор во историјата според број на асистенции меѓу центрите со вкупно 4.644 и го мина Вилт Чембрлен. Пред него е само Карим Абдул-Џабар со 5.660 асистенции.

Џабар до оваа бројка стигна со 1.560 натпревари, Чембрлен со 1.045, а на Јокиќ му беа потребнио само 673.

Што играч ќе беше, некогаш буцкото од Сомбор растено со бурек и кока кола.

11 април 2024 - 08:48