Пораз на стартот за МЗТ во Љубљана

Со 13 загубени топки и очаен шут за два поени, кошаркарите на МЗТ Скопје не можеа да избегнат пораз на гостувањето кај Олимпија, 91:76. Во недела во Скопје го пречекуваат Металац.

МЗТ Скопје со драстично изменет состав ја започна сезоната, а проблемите се јавија уште од стартот кога се повредија засилувањата Љубичиќ и Протиќ. Актуелниот македонски шампион вечерва имаше проблем и во дефанзивниот дел, затоа што Олимпија постигна повеќе од половина поени од рекетот.
 
Зелените од Љубљана го започнаа мечот со водство од 16-10, МЗТ Скопје се обиде со тројки резултатски да се држи, но првата четвртина заврши со водство на Олимпија 22-16. Металците добро ја почнаа втората четвртина и за првпат поведоа 28-27, благодарение на поените на најефикасниот вечерва кај Скопјани, Дреновац и Марко Симоновски.
 
Концентрацијата повторно падна пред крајот на полувремето, МЗТ Скопје не покриваше добро во одбраната и Олимпија на паузата замина со предност од седум поени разлика (43-36). Дека МЗТ Скопје тешко ќе го избегне поразот во првото коло покажа почетокот на третиот дел, кога Олимпија во краток интервал дојде до осетлива предност 49-39. Македонскиот репрезентативец Марко Симоновски со три тројки по ред го врати МЗТ во ритам, но одбраната повторно не беше на ниво и Словенците ја затворија четвртината со 68-58 

Ако во третата четвртина на Металците им одеше шутот, последниот квартал покажа дека избраниците на Алеш Пипан сериозно ќе мора да поработат на шутот на тренинзите. Конечните 91-76 реално ја прикажаа формата на обете екипи. Најефикасни во тимот на МЗТ Скопје беа Дреновац со 21 поен, Луковиќ со 14 и Буниќ со 10. Македонските репрезентативци, Симоновски и Дамјан Стојановски постигнаа по девет, односно осум поени.

МЗТ Скопје во недела, во второто коло од АБА лигата го пречекува српскиот Металац од Ваљево.

1 октомври 2015 - 18:48