Тодор Гечевски па потоа Никола Оташевиќ со 4:0 ја отворија новата сезоната за МЗТ Скопје во регионалната АБА лига која го означи 13 издание со првиот меч во салата „Борис Трајковски" потив Унион Олимпија од Љубљана.
Освен првите 3 минути од мечот во кои гостите влегоа во серија од 7:0 и имаа водство од 9:7, во остатокот од целиот меч „Металците" демонстрираа одлична кошарка во одбраната и нападот и го свртеа мечот во своја полза. Првите ефикасни 10 минути од натпреварот завршија со резултат 20:13 за нашите кошаркари.
Во исто темпо продолжи и втората четвртина во која МЗТ беше подобар противник најмногу благодарение на ветеранот Гечевски кој имаше одлична партија. Кошаркарите на Унион имаа 14 грешки во првиот дел за разлика од тимот од Аеродром кој "подари" само 6, а тоа резултираше со значајна предност на полувремето од 39:28.
Нашиот претставник во јадранската лига тука не застана и тргна уште пожестоко во второто полувреме. Натпреварот како да изгледаше само рутина за нашите кошаркари затоа во 27 минута на семафорот стоеше предност од дури +21 поен.
Во завршните 10 минути од мечот Алеш Пипан веќе немаше што да ги посоветува своите кошаркари кои едноставно добија лекција од македонскиот шампион кој во новата сезона е предводен од 40 годишниот српски стратег Влада Вукоичиќ.
МЗТ Скопје беше подобар противник во сите сегменти од играта. Загуби двојно помалку топки за разлика од Унион, имаше 57% шут од поле, додека Словенечните кошаркари шутираа со 42% прецизност и украде 15 топки, тројно повеќе од гостите.
Предводници на првиот триумф во новата сезона за МЗТ беа Гечевски и Стојановски кои постигнаа по 16 поени, новото засилување Стефан Синовец одбележа 13 коша, а Американецот Дејвис беше трет стрелец со 12 поени.