Соопштението на КК Гостивар од денешната прес-конференција по повод враќањето во Првата лига:
Гостивар е град на кошарката а КК Гостивар клуб со богата традиција и шампионско минато и тоа е она што им е познато на сите љубители на кошарката но она што денес го промовираме е развојната сегашност и плановите за иднината која сме сигурни дека ќе донесе многу нови радости на спортската јавност во Гостивар и во Македонија, изјави на почетокот Димитар Спасеноски, член на Управниот одбор на КК Гостивар.
„КК Гостивар е долгорочен и амбициозен проект кој има амбиција да биде репрезентативен модел на кошаркарска структура и организираност. Нашите амбиции се поставени на повеќе нивоа и со соодветни цели за секој од нив. Секако за нас најважна е КК Гостивар да биде регионален развоен центар. Во оваа насока и ангажирањето на две еминенти кошаркарски имиња кои денес ги промовираме. Управниот одбор на КК Гостивар едногласно го избра Младен Ѓуроски за Тим Менаџер и му ја довери во целост организацирањето на кошаркарскиот сегмент од функционирањето на КК Гостивар,“ потенцираше Спасеноски.
Ќе работам посветено и интензивно на значително подобрување на условите за работа и концептот за продуцирање на млади кошаркарски кадри, како играчки така и тренерски, во Гостивар. Овој град секогаш имал и ќе има таленти кои доколку пројјдат низ систематска работа ќе прераснат во идни врвни кошаркари, изјави тим менаџерот на КК Гостивар Младен Ѓуроски.
„Ми претставува лично задоволство после долги години да сум во можност да придонесам во враќањето на старата слава на мојот матичен клуб, во мојот Гостивар“, изјави новиот шеф на стручен штаб Марјан Србиноски и додаде „Знаејќи ги луѓето во и околу клубот, мотивиран од концептот кој ми беше понуден за кој со сигурност можам да кажам дека е уникатен и ќе служи за пример на останатите клубови во Македонија, го прифатив предизвикот и ветувам напорна работа и максимално залагање на секој поединец на теренот на секој натпревар. Гостиварчани живеат за и со кошарката и уште од сега ме мотивира помислата на преполната сала и атмосферата во истата.“
Управата на клубот изразува огромна благодарност до субјектите кои придонесуваат во развојот на КК Гостивар а особена благодарност упатуваме до Советот на општина Гостивар и градоначалникот Невзат Бејта кои го препознаа квалитетот на овој концепт и со својата поддршка овозможуваат клубот повторно да биде гордост на Гостивар и на сите гостиварчани. За крај, Ве информираме дека со едногласна одлука на Управниот одбор, нашата кошаркарска легенда Перо Антиќ ќе биде поединец со најголем акционерски удел во КК Гостивар.