Екипата на Реал Мадрид беше поуспешна во финишот на драматичното „Ел класико" кошаркарско полуфинале во Евролигата.
Вториот полуфинален натпревар донесе поголема неизвесност за разлика од првиот натпревар во кој Олимпијакос изненади и многу лесно триумфираше против ЦСКА Москва.
По првата четвртина Барселона имаше предност од 18:11, но потоа Реал Мадрид ја поправи реализиацијата и до полувремето направија пресврт и водеа со 39:33.
На почетокот на второто полувреме, екипата на Барселона повторно беше подобра и по третиот период водеше со 51:48, но во одлучувачката четвртина Реал Мадрид направи серија за нов пресврт и на крајот триумфираше со 74:67.
Најефикасен во редовите на Реал Мадрид беше Рејес со 17 поени, а кај Барселона се истакнаа Хуертас со 19 и Томиќ со 18.
Финалето помеѓу Олимпијакос и Реал Мадрид ќе се одигра во недела со почеток од 21 часот, а во 18 часот во натпревар за третото место ќе се сретнат ЦСКА Москва и Барселона.