Нови мерки во НБА - ако пропуштат меч зошто не се вакцинирани, нема плата

Новата НБА сезона треба да започне на шеснаесетиот ден од октомври, а деновиве најмногу се зборува за тоа дали играчите ќе се вакцинираат против ковид 19 и какви последици би сноселе оние кои не сакаат примат вакцина.

Изминатите денови, Кајри Ирвинг (барјактар на теории на заговор во НБА), Бредли Бил, Ендрју Вигинс и уште неколку кошаркари отворено рекоа дека не сакаат вакцина, додека центарот Двајт Хауард одби да одговори на прашањето дали ќе прими вакцина.

НБА, организација позната ширум светот по своите строги правила и врвни критериуми, и овој пат зазема цврст став. За прашањето на вакцинација, лигата соопшти дека оние играчи кои ќе пропуштаат натпревари поради тоа што не се вакцинирани, нема да бидат финансиски компензирани.

„Секој играч кој ќе одбере да не се однесува во согласност со насоките од локалните власти во врска со вакцинирањето, нема да биде платен за натпреварите кои ќе ги пропуши“, изјави Мајк Бес, потпретседател на НБА за комуникации.

Во меѓувреме некои франшизи соопштија дека се комплетно вакцинирани, цел тим и цел стручен штаб, како и помошниот персонал. 

Голема прашина се крена во САД, откако Ендрју Вигинс, крилниот центар на Голден Стејт Вориорс изјави дека се држи до своите религиозни убедувања и ставови поради што не сака да се вакцинира, па макар тоа го чинело да не може да ги игра домашните натпревари.

А најверојатно нема да може да ги игра домашните дуели на Голден Стејт Вориорс кои се преселија во Сан Франциско, град во кој Канцеларијата за јавно здравје наложува приложување потврда за вакцинација за влез на настани во затворени места (сали).

„Притиснат сум во ѕид тоа е дефинитивно, ама ќе се борам за тоа во што верувам. Ќе се борам за тоа што мислам дека е исправно. Што е исправно за едно лице, не е исправно за друго и обратно“, искрено вели Вигинс кој на новинарски прашања да објасни што точно му се тие верувања, кратко рекол: „Не е ваша работа, на тоа се сведува“.

Вигинс би можел да изгуби повеќе од 350.000 долари од натпревар и ако не игра на ниту еден домашен натпревар за Вориорс во Сан Франциско, би можел да изгуби пола од неговата плата од 31,6 милиони долари!

 

„Тоа си е мој проблем, не ваш“, рекол Вигинс на констатацијата дека би можел да остане без многу пари.

Капитенот и главен играч на Голден Стејт, Стеф Кари изјави дека „не е баш идеално да го немаме Вигинс во екипата и се надевам дека ќе го смени мислењето“. 

Вигинс влегува во осмата НБА сезона во кариерата. Во просек минатата сезона постигна 18,6 поени, 4,9 поени, 2,4 асистенции и 1,0 блокади по натпревар. Првиот домашен меч на Голден Стејт Вориорс сезонава е закажан за 21 октомври против фаворитот Лос Анџелес Клиперс.

„Не мислам до тогаш, мислам ден за ден“, рекол Вигинс.

30 септември 2021 - 09:56