Натпреварот почна очајно лошо за актуелниот македонски првак кој ја загуби првата четвртина со високи 13:24. Избраниците на Алеш Пипан имаа лоша реализација од поле со 25% и за само 60 секунди примија три тројки во првиот период.
Иако втората четвртина почна тензично и Пипан заработи техничка, македонските кошаркари брзо се вратија во колосек и за нецели три минути направија серија од 8:1, со што стигнаа до само 4 кошеви негатива. Стратегот на „Металците" ја почуствува кризата на Босанците, побара уште поборбена игра и поголема концентрација, а тоа резултираше со резултат 27:27.
Настаните на теренот брзо се променија и МЗТ Скопје влезе повторно во криза. Падот на играта на домаќините, составот на Игокеа го искористи и возврати со серија од 10:2 со што на 2 минути до крајот имаше предност од 9 поени. По првиот дел Игокеа водеше со 41:35.
Во второто полувреме се разбуди Борис Бакиќ со 5 поени во низа, први на мечот, но гостите повторно го натераа Пипан да повика тајм аут, затоа што по три минути играа водеа со 9 коша разлика.
Кошаркарите на Игокеа го контролираа резултатот се до крајот на последната минута од третиот период кога МЗТ стигнаа до резултат 53:54, благодарение на расположениот Бакиќ. Црногорецот најпрвин постигна тројка, а веднаш потоа го пронајде Кирил Николовски кој со атрактивно забивање ја запали публиката во „Борис Трајковски".
Во последната четвртина кошаркарите на МЗТ како да немаа идеја и сили да влезат во серија и да внесат неизвесност на мечот. Загубија многу топки, но имаа и слаба реализација во обидот за тројка. Мала драма настана на 26 секунди до крајот кога МЗТ стигна до -2, но Игокеа брзо возврати.
Избраниците на Пипан до крајот уште на два наврати поентираа од поле, но Игокеа ги погоди сите 4 слободни удари и ја обезбеди 18 победа во групата.
Најефикасен кошаркар во таборот на МЗТ беше Тодор Гечевски со 21 поени, 8 скока, 3 асистенции и 4 украдени топки. Борис Бакиќ постигна 14, Никола Оташевиќ 13 и Дамјан Стојановски 11 коша. Следниот противник на македонскиот шампион е тимот на Задар кој гостува во Скопје на 2 март.