Работнички имаше одличен старт на натпреварот и на стартот поведе со 5:0, а потоа и 10:2, но МЗТ бргу ја презеде контролата. На 3 минути до крајот на првата четвртина кошаркарите на МЗТ направија пресврт и дојдоа до водство од 16:15, а со серија од 9:0 до крајот на првиот период стекнаа водство од 25:19.
По три ипол минути во вториот период, со тројката на Дејвис, екипата на МЗТ дојде и до двоцифрена предност (36:25), а на полувремето заминаа со водство од високи 57:42.
Во третиот период МЗТ рутинирано ја одржуваше предноста, но кошаркарите на актуелниот шампион се опуштија во последната четвртина и му дозволија на Работнички да се доближи на негатива од 8 поени (81:73) на 4 минути до крајот.
Но кошаркарите на Работнички не ја повторија играта од вториот натпревар и не успеаа целосно да се вратат, па на крајот МЗТ славеше со 95:80.
Синовец со 23 и Цветковиќ со 18 поени го предводеа МЗТ до втората победа, а најдобри кај Работнички беа Мираковски и Кнежевиќ со 14 поени.
Четвртиот натпревар од финалната серија ќе се одигра во вторник.