МЗТ го загуби трилерот во Пионир против Партизан

Кошаркарите на МЗТ Скопје го имаа триумфот против Партизан во рака, но само осумте поени во последната четвртина не беа доволни за нови бодови на Јадранот.

Со поените на Буниќ, Луковиќ и Дреновац, МЗТ Скопје во раната фаза од мечот поведе 11-6. Брзо потоа одбраната на Металците направи неколку пропусти, по што домаќините прават серија 6-0 и поведуваат 12-11. Повратникот на клупата Алеш Пипан повика тајм-аут и прописно им се изнавика на своите играчи (на Дреновац поради грешката во чекори).
 
Екипите се менуваа во водство во првата четвртина, која што на крајот ја добија Металците 23-25, со поените на Луковиќ со сирената (8 поени и 2 скока за 10 минути). Аеродромци имаа 5/7 за три поени во првиот квартал.
 
Партизан ниту во втората четвртина немаше решение за Луковиќ, кој веќе во 17-та минута беше двоцифрен. Со петтата тројка од осум обиди, МЗТ стигна до највисокото водство на мечот 33-27. Во моментите кога Партизан се обидуваше да се врати резултатски, Алеш Пипан викаше тајм-аут и неговите избраници ја задржаа концентрацијата.

Со седмата тројка од 10 обиди (Дреновац 3/3, Дамјан Стојановски 2/2), МЗТ Скопје го затвори првото полувреме со 49-38. Речиси совршено полувреме за Штрковите, иако загубија девет топки. Дамјан Стојановски беше најефикасен во првиот дел со 11 поени, 10 постигна Луковиќ, а 9 Дреновац. Кај Партизан, младиот Вања Маринковиќ уфрли 9 поени.
 
Безидејната игра на белградскиот состав, МЗТ ја казнуваше со брзи контранапади.
 
Со 14-от поен на Вања Маринковиќ, Партизан ја преполови предноста на МЗТ кој не реализираше дури четири напади по ред. Пипан повторно бесно реагираше на тајм-аутот, а Црно-белите само ја зголемија агресивноста и заслужено ја добија третата четвртина 17:12. Андреј Магдевски имаше три неверојатни банани само во третиот период.

Одличниот шут од дистанца на Дамјан Стојановски повторно го однесе МЗТ на 9 поени предност на 7 минути пред крајот (57-66). Сепак, повредата на Марко Љубичиќ како да го деконцентрираше скопскиот состав кој му овозможи на Партизан да се врати на -3 (63-66).
 
Марко Симоновски имаше шут за продолжене но промаши и Партизан славеше со 72:69.
 
Во следното коло кошаркарите на МЗТ веќе во петок играат против Мега Лекс на Предраг Самарџиски. На табелата, Металците се четврти со 4 бодови.
 
Резултати 3. коло АБА лига:

Задар - Црвена Звезда 49:56
Цедевита - Цибона 83:65
Партизан - МЗТ Скопје 72:69
Тајфун Сентјур - Крка 74:51

Среда:
Металац - Игокеа
Унион Олимпија - Сутјеска
Будуќност - Мега Лекс

6 октомври 2015 - 22:52