Македонската кошаркарска репрезентација на вториот контролен натпревар во Шпанија одигра многу послабо од првиот дуел и заслужено забележа висок пораз. Со слаба одбрана, лоша реализација, многу загубени топки и безидејност во нападот, Македонија немаше шанси против актуелниот европски шампион.
Нашите кошаркари играа рамноправно се до пред крајот на втората четвртина кога опадна концентрацијата, а Шпанците ги искористија нашите грешки и направија двоцифрена разлика. На полувремето Шпанија имаше предност од +11 (38:27)
По паузата нашите кошаркари имаа подобар старт во второто полувреме и го намалија дефицитот, но тоа беше се што тие сторија на овој натпревар.
Кон средината на третиот период на сцена стапи шпанската фурија која немаше милост кон нашите кошаркари и константно ја зголемуваше предноста. На крајот Шпанците прославија победа со 22 поени разлика (77:55).
Мекејлеб постигна 11 поени, Војдан Стојановски и Гечевски по 9, Чековски 7, а Антиќ 6. Најефикасни кај Шпанците беа Рубио и Гасол со по 11 поени.
Кошаркарската репрезентација се сели во Германија каде ќе одигра контролни натпревари против Грција (петок), домаќинот (сабота) и БиХ (недела).