Мирослав Николиќ, кој немаше клупски ангажман годинава, како нов тренер на МЗТ Скопје ќе биде промовиран во понеделник, пренесува порталот Кошарка24.
До почетокот на оваа сезона, Николиќ (59) беше тренер на Раднички, тим кој поради финансиски проблеми не обезбеди учество во АБА и Супер лигата, по што сите играчи си заминаа од Крагуевац. Заедно со кошаркарите замина и Николиќ, кој најде место во стручниот штаб на Сале Ѓорѓевиќ во репрезентацијата на Србија, која го освои среброто на СП во Шпанија изминатото лето.
Во својата кариера Николиќ беше тренер на Партизан, Црвена Звезда, Хемофарм и Будуќност, а најголемите успеси ги имаше со младинските категории на Југославија, СЦГ и Србија. Минатата година беше близу клупата на Македонија, но КФМ се одлучи за тренерот на Крка, Александар Џикиќ.
Николиќ важи за тренер кој не знае да изброи до десет и многу често ја критикуваше власта во Србија, што освен за „белградските миленици“ Звезда и Партизан, не дава пари и за останатите клубови. Српскиот тренер лани на два пати го фалеше МЗТ Скопје, како екипа која ја краси борбен дух, а по триумфот на „металците“ во Крагуевац изјави:
„МЗТ ни одржа предавање по борбеност. Игравме колку што ни дозволи екипата која ги победи Црвена Звезда, Олимпија и Цибона. Имаат 2 квалитетни постави и организациски добро функционираат“, констатираше Николиќ.
Мирослав Николиќ ќе биде третиот тренер од почетокот на сезонава, затоа што МЗТ тргна со Змаго Сагадин, а после дојде Врба Стефанов кој на клупата се задржа само еден месец.