Одлично деби на МЗТ Скопје во регионалната кошаркарска лига. Македонскиот шампион ја потопи Цибона во салата „Дражен Петровиќ".
Кошаркарите на МЗТ имаа добар старт и поведоа со 2:5 со поените на Стојановски и тројката на Дејвис, но потоа домаќините направија серија од 10:0 за 12:5 по осум минути, а до крајот на првата четвртина МЗТ намали на 16:11.
Домаќините ја одржуваа ова предност се до средината на втората четвртина кога имаа 25:20, но во тој момент на сцена стапи МЗТ. Кошаркарите на македонскиот шампион со одлична направија одлична серија од 12:0 и поведоа со 25:32. Во овој период МЗТ доминираше на паркетот и одигра одлично во одбраната при што Цибона не постигна поен цели четири минути.
Во последната секунда Марковски постигна тројка и МЗТ на паузата замина со +10 (27:37). Во првото полувреме најефикасни беа Дејвис со 11 и Гечевски со 8 поени, а Чековски забележа 5 поени и 9 скокови.
Кошаркарите на Цибона се обидоа да направат резултатски приклучок во второто полувреме и намалија на -4 (37:41), но МЗТ повторно се врати во игра и во последната минута од третата четвртина поведе со највисоки +15 (45:60), а на крајот од третиот период резултатот гласеше 48:60.
МЗТ ја одржуваше предноста и во последната четвртина и на пет минути до финишот имаше водство од +14 (54:68), но тогаш следеше голем пад во играта на македонскиот шампион. Со серија од 15:3 Цибона дојде до 69:71 на две минути до крајот, но тоа беше се што тие сторија и МЗТ славеше со конечни 72:77.
Најефикасен во редовите на МЗТ беше Кејд Дејвис со 21 поен. Чековски се истакна со дабл-дабл учинок од 13 поен и 12 скокови, а Дамјан Стојановски постигна 12 поени. Најдобри кај домаќините беа Зубчиќ со 17 и Хамилтон со 16 поени.
Следниот натпревар МЗТ Скопје ќе го одигра во среда кога во СЦ Борис Трајковски ја пречекува екипата на Широки.