Никој не посакуваше и не очекуваше старт на избраниците на Пипан со пораз на ваков начин. Со водство во поголемиот дел од мечот, очигледна судиска грешка и на крајот поднесување жалба до ФИБА од каде добивме одговор дека ни е одбиена.
Но тие случувања треба експресно да излезат од главите на нашите кошаркари кои мора уште поборбено и посериозно да влезат во втората пресметка против Литванците кои не поразија на пријателски натпревар ова лето.
Тројката на Владо Илиевски во четвртфиналната битка против домаќинот Литванија кој падна на колена на минатото Европско не престана да се врти на спортските шпици, а и во нашите глави во последните две години. Токму тоа нека биде мотивацијата пред вечерашната можеби најтешка пресметка во Б групата каде се бориме за првите три места.
Дуелот е закажан во 21 часот, повторно во салата „Подмежакла" во Јесенице каде ќе ги одиграме сите дуели од групната фаза и каде повторно ќе грмат македонските навивачи кои отпатуваа во голем број во Словенија.