Нашиот интернационалец ја доби најголемата минутажа во најсилната кошаркарска лига од 33 минути и тоа го искористи за остварување на прв дабл-дабл учинок од 10 поени, 12 скока и една асистенција.
Кошаркарите на Атланта водеа во текот на целиот натпревар, но „Магичните" ја вратија неизвесноста на мечот во последната четвртина, а на 30 секунди до крајот направија и водство од еден поен разлика.
Но потоа на сцена стапи Перо Антиќ кој во завршницата од натпреварот на два пати беше фаулиран под кошот, по што ги искористи сите четири слободни фрлања и со тоа му ја донесе 22 победа на својот тим оваа сезона.
Хокси повторно прикажаа одлична тимска игра во која исто како и на триумфот против шампионот Мајами, седуммина кошаркари мечот го завршија со двоцифрен број на поени. Најпрецизен беше Пол Милсап со 24 поени, а Џеф Тиг постигна 23.