20-годишниот Марјан Алтипармаковски како еден од најперспективните млади фудбалери во Македонија, пред две години се пресели во Шкода Ксанти. Тој како добар познавач на грчкиот и европскиот фудбал ќе се обиде да ни помогне при составување на тикетот на колото.
Атромитос - Ксанти X2
Мислам дека е време мојата екипа да освои некој бод по 7 порази во низа. Имаме добар тим и нашиот клуб до пред 7 кола беше главен фаворит за освојување место кое следната година води во Европа. Атромитос во средата играше полуфинален натпревар од грчкиот куп против Астерас и ќе го искористиме овој момент за конечно да ја прекинеме црната серија.
Керкира - ПАОК 0-2 голови
Овие две екипи повеќе мислат на својот отколку на противничкиот гол и најсилната страна во екипата им е дефанзивната линија. На двата тима им се потребни бодови и мислам дека ќе бидат многу претпазливи и ќе одиграат натпревар без многу голови.
Драма - Левадиакос 0-2
Ова исто така е натпревар на две екипи кои форсираат дефанзивна игра и мислам дека 0-2 голови би бил сигурен исход.
Од останатите лиги во Европа ги издвојувам следните типови:
Вердер - Аугсбург 1
Лацио - Каљари 1
Нови Пазар - Јавор 1
Ти си дел од младинската репрезентација на Македонија и твојата генерација наскоро ќе ги замени овие фудбалери кои во моментов со сениорската репрезентација не бележат сјајни резултати. Има ли македонскиот фудбал иднина? Што можеме да очекуваме од оваа генерација на млади македонски фудбалери?
„Сигурно е дека има иднина македонскиот фудбал и дека овие тешки моменти мора да се пребродат што побрзо. Таков е фудбалот, кога победуваш сите те сакаат, а кога губиш е обратно. Фудбалерите се тие што сигурно сакаат повеке од сите да направат добри резултати и успеси. Сигурно и тие не сакаат да бидат критикувани. Имаме добри фудбалери и со една добра атмосфера може да дојдеме до успех.“
„Ние како млади фудбалери можеме само да учиме од постарите. Даваме се од себе да направиме некаков успех и мислам дека сме на правиот пат. Младинската репрезентација на Македонија нема пораз 13 натпревари и имаме големи шанси да се пласираме на Европското првенство кое ќе се одржи во Израел во 2013-та година.“
Ги следиш ли настаните околу твојот матичен клуб Пелистер? Ќе има ли Битола следната година стабилен клуб при врвот на првата лига?
„Јас сум дете на Пелистер и нормално како секој фудбалер кој потекнува од овој клуб, така и јас го следам секој негов натпревар и се радувам на секоја победа. Пелистер е во срцето на секој битолчанец и навистина Битола заслужува да добие клуб со стабилен спонзор и екипа која ќе може секоја година да игра во Европа. Му посакувам се најубаво на мојот поранешен клуб.“