Во моментов во Хрватска повторно е актуелен случајот „Офсајд", односно аферата со наместени натпревари заради која во изминатите години 15 фудбалери заработија вкупна затворска казна од 123 месеци.
Една од главните врски помеѓу организаторите на наместените натпревари и „купените" фудбалери бил Марио Чижмек, поранешен младински репрезентативец на Хрватска и член на повеќе хрватски прволигаши. Заради неговата инволвираност, тој доби затворска казна од 10 месеци.
Чижмек не само што го призна делото, туку и раскажува како се мести еден фудбалски натпревар. Неговите „непишани правила" се:
- Најважен е голманот: Никогаш не можете да наместите натпревар без голман. Кога голманот одбивал да намести, Чижмек ги враќал парите и ја откажувал зделката.
- Нееднаква поделба: Местачите не добиваат исти суми. Најмногу добива голманот - двојно повеќе од останатите. Следни се одбранбените фудбалери, играчите од среден ред добиваат помалку, а напаѓачите многу ретко се поткупени.
- Одбирање мета: Местачите убаво го разгледуваат тимот пред да одберат кого да потплатат. Најлесно се „купуваат" младите фудбалери и старите на кои им привршуваат кариерите. Лесно се поткупливи и фудбалери кои се во финансиска криза.
- Колку повеќе толку подобро: Полесно се местат натпревари кога има повеќе вклучени. На почетокот Чижмек местел со 6 подмитени фудбалери на теренот, а подоцна и со 8. За некои натпревари биле поткупувани и тренерот и некои официјални лица од клубот.
- Не биди очигледен: Послабите тимови можат полесно да наместат. Ако тимот е силен и изненадувачки загуби, тогаш ќе биде многу сомнително. Тимот на Чижмек во првиот дел од сезоната губел многу често, па во продолжението никој не се сомневал дека тие намерно губат кога наместиле уште 6 натпревари.
- Доживотно навлечен: Кога фудбалер ќе намести еден натпревар, тогаш тој е фатен во стапица. Местачите имаат доволно докази против него и тој не смее да ги одбие. Местачите продолжуваат да бараат услуги и ги намалуваат сумите, се додека играчот не се откаже од фудбал, се пензионира или пак е уапсен. Има случаи и кога некои фудбалери извршиле самоубиство.