Кристијано Роналдо постигна 46 голови и си го сруши својот рекорд од минатата година кога постигна 40 и беше најдобар стрелец во Европа, но дури и тоа не му беше доволно за да го повтори успехот. Лионел Меси го надмина Роналдо и се надмина и себеси и постигна 50 гола. Заедно тие постигнаа вкупно 96 гола, нешто што не им успеа на скоро две третини од фудбалските клубови од цела Европа.
По трите „Златни топки", Лилнел Меси стана десетиот фудбалер кој по втор пат ја освојува и „Златната копачка". Тоа во минатото им успеало на Еузебио, Мекоист, Гомеш. Милер, Жардел, Анри, Форлан и Кристијано Роналдо.
Наградата „Златна копачка" се доделува од 1968-та година, но во последните 16 години добитникот се прогласува по новите критериуми. Сите европски лиги се поделени во три групи: во најсилните првенства секој гол вреди два поена, во оние од „средна класа" по 1,5, а во најслабите (помеѓу кои секако е и Македонија) голот вреди само еден поен.
Во сезоната кога Лионел Меси ги урна скоро сите можни рекорди, го сруши рекордот и на „Златната копачка" со 50 постигнати гола, односно 100 поени. Претходниот рекорд го држеше Дуду Георгеску кој во 1977-та година за Динамо Букурешт постигнал 47 гола.
На второто место е Роналдо со 46 гола (92 поени), трет е Робин Ван Перси со 30 (60), а следат Хунтелар со 29 (58) и Ибрахимовиќ со 28 (56).
Најдобро рангиран фудбалер од првенствата од „средна" класа е Бурак Јилмаз на осмата позиција кој за турскиот Трабзон постигна 32 гола (48 поени), а најдобар стрелец во најслабите првенства беше Александрс Чекулајевс кој за естонскиот клуб Транс Нарва постигна 46 гола. На три кола пред крајот на македонското првенство, најдобар стрелец е Филип Ивановски со 23 гола.
Меси ја освои наградата и во 2010-та година кога постигна 34. Оваа сезона на сите натпреварувања тој постигна 72 гола, а противничките мрежи во шпанското првенство ги затресе 50 пати, односно постигнуваше по еден гол на секои 65 минути.
Погледнете ги сите 50 гола на Лионел Меси во шпанската Примера: