Александер Фреј има одиграно 82 натпревари за репрезентацијата на Швајцарија и е убедливо најдобар стрелец во националниот тим со 42 погодоци. Но легендата на швајцарскиот фудбал оваа сезона се најде во стартниот состав на Базел на „само" 25 натпревари и откако заклучи дека веќе не е во врвна форма, реши да ја заврши кариерата на 33 години.
Од денес Фреј ја превзема функцијата спортски директор во фудбалскиот клуб Луцерн, а викендов го одигра последниот натпревар за Базел во домашното првенство.
Поранешниот фудбалер на Борусија Дортмунд се збогуваше со навивачите на Базел на најдобар можен начин. Пред повеќе од 30.000 гледачи на стадионот Сент Јакоб Парк, Фреј постигна прекрасен погодок од слободен удар и го најави големиот пресврт и победата од 3:1 над Цирих.