Еден од организаторите на Европското првенство на многу добар начин ги отвора вратите за навивачите на десетина дена до почетокот на турнирот. Полска соопшти дека деновиве било направено големо разместување на затворениците и во затворите во четирите града каде што ќе се одржуваат натпреварите биле ослободени 600 места.
Целата постапка околу казнувањето на хулиганите ќе биде забрзана. На самите стадиони во Варшава, Вроцлав, Гдањск и Познањ неколку простории се приспособени во судници, а 350 судии ќе бидат подготвени веднаш да им пресудат на хулиганите на кои ќе им бидат на располагање адвокати и преведувачи.
А ако немаат проблеми со хулиганите, за да не им биде досадно на полските полицајци ќе се погрижат работничките синдикати кои најавија дека за да привлечат поголемо внимание ќе организираат протести токму за време на одигрување на Европското првенство.