На мечот од 1. коло во Лига Нации против Германија, Италија играше со изменет состав па освен Донарума, сите други беа досега нестандардни репрезентативци кои допрва треба да ги носат Аѕурите. Играчи како Сандро Тонали, Скамака, Фратези, Бастони...
Од клупа влегоа уште и резервните Ричи, Побега, Димарко, релативно слабо познати фудбалери надвор од Италија. Меѓу нив беше и Вилфред Њонто, млад црномурен фудбалер за кој никој никогаш не слушнал.
18-годишниот Њонто влезе во игра во 65’ минута наместо Политано и после само пет минути маестрално му асистираше на капитенот на Италија и на Рома Лоренцо Пелегрини за 1-0.
Вилфред Вили Њонто е роден во 2003-та година во едно од најубавите места во Европа, градчето Вербаниа близу езерото Комо и близу швајцарска граница. Родителите на Вили Њонтно се од африканската земја Брег на Слонова Коска. Татко му Ноел во Италија дошол да работи како градежен работник а мајка му Шантал како куќна помошничка.
Вили уште од мал сакал да игра само со топка а првите фудбалски чекори ги направил во локалниот тим од неговото место, Интер Суно. На 9-годишна возраст доаѓа на проба во славниот Интер каде ги воодушевил тренерите кои веднаш барале тој да остане со младинските категории. На дебито за Интер У-17 на 6 октомври 2019-та постигнал гол во триумфот од 5-1 над Јувентус У-17.
Од тој период неговата кариера тргнува во нагорна линија. Игра за пионерите на Интер а изненадно добил повик и за репрезентацијата на Италија У-17 наместо отсутниот Себастијано Еспозито. На Светското првенство за играчи до 17 години одиграно во 2019-та, брзоногиот Вили Њонто постигнал три гола на четири меча и тој Мундијал му бил отскочна даска.
Откако ги поминал речиси сите младински категории во Интер од 8 до 16 години, во април 2020-та за некое големо чудо одбива да потпише професионален договор со нераѕурите, свесен веројатно дека тешко ќе добие шанса да стане првотимец во силна конкуренција.
Од Милано патот го води во Швајцарија каде првпат запливува во професионалниот сениорски фудбал. Потпишува прв догоор во кариерата со Цирих каде дебитира на 24 октомври 2020-та година. Од тогаш до денес на 53 меча за новиот швајцарски шампион постигнал 10 гола (8 во првенство и 3 асистенции). Дел е од тимот кој после долги години му ја донесе шампионската титула на Цирих.
Родителите се селат кај во Цирих за да го поддржат.
„Благодарение на нив сфатив дека за големи успеси треба да се испотиш. Се им должам на моите родители, многу ми помогнаа, дури и во одлуката да го напуштам Интер и да заминам во Цирих за да играм повеќе. Најубаво нешто е што со тука со мене“, рекол младиот Њонто, новиот миленик на Манчини кој го зема директно од У-19 така што Њонто нема ниту еден настап за Италија У-21.
За дебито од соништата за Италија, Вили вели:
„Беше многу емотивна недела. Мистер ми даде шанса и мислам дека ја искористив максимално. Одиграв добар меч и задоволен сум. Уживам во моментот, да се биде тука е чест и привилегија, се трудам да ја искористам секоја шанса“, вели Вилфред Њонто роден во ноември 2003-та.
Швајцарецот Марко Шонби снимил и песна Willy Gnonto Song.
СО НАЧИНОТ НА ИГРА ПОТСЕЌА НА РАХИМ СТЕРЛИНГ
„Стерлинг ми е инспирација, но тој е играч на светско ниво“
Њонто има одлична стартна брзина, сјајна контрола на топка и дриблинг во трк. Неговата траекторија на движење потсетува на многу големи мајстори на фудбалот. Го споредуваат често со Рахим Стерлинг. Вредноста на Њонто според реномираниот Transfermarkt.de е 6 милиони евра за сега, но се очекува да скокне драстично по одличното деби против Германија.
Веќе во вторник во Чезена, Италија ќе игра во 2. коло од Лига Нации против Унгарија која направи големо изненадување во првото коло откако со 1-0 ја совлада Англија.
ЗА НЕГО ВЕЌЕ СЕ РАСПРАШУВАЛЕ НЕКОИ КЛУБОВИ
Договорот на Вили Њонто со првакот на Швајцарија, Цирих истекува на во 2023-та на лето. Целта на клубот е да го продолжи договорот на уште подолго време или да го продаде за висока сума.
По крајот на клупската сезона а и по одличното деби против Германија, за брзоногиот крилен напаѓач се распрашале Фрајбург и Хофенхајм, стандардни бундеслигаши. Тренер на Хофенхајм е Андре Брајтенрејтер кој го познава малиот Њонто уште од времето додека беше тренер на Цирих.
Интерес покажале и Антверпен и Сасуоло а италијанскиот клуб е сериозен и веќе пратил понуда од околу 7-8 милиони евра (според Скај Спорт).