Вонредна состојба за Европското првенство во Франција

Француските власти одлучиле вонредната состојба во земјата, прогласена по терористичките напади во Париз да остане на сила и во текот на Европското првенство и трката Тур д'Франс.

Францускиот премиер Мануел Валс изјави дека владата на Франција има сериозна намера да ја продолжи вонредната состојба во државата на уште два месеци, односно таа да важи и за време на ЕП во фудбал претстојново лето.
„Имајќи ги предвид размерите на тој настан, навистина е неопходно безбедноста да биде на највисоко можно ниво“, вели Валс за радио Франс инфо.
За донесување ваква одлука потребна е согласност од францускиот парламент. Вонредната состојба беше воведена на 13. ноември кога во Париз беа извршени неколку терористички напади во кои загинаа повеќе од 130 луѓе и сега е продолжено до 26. мај.
 
Предлогот сега е вонредната состојба да трае до крајот на јули.
„Министерот за внатрешни работи Бернар Казнев веќе побара од останатите министри официјално одобрение за пролонгирање на вонредната состојба. Таа не може да трае засекогаш, но по повод големите спортски настани во нашата земја како што се ЕП и Тур де Франс, неопходно е да го продолжиме“, изјави премиерот на Франција, Мануел Валс.
Најголемиот турнир на стариот континент започнува од 10. јуни и ќе трае до 10. јули. Ќе играат вкупно 24 репрезентации. Тур де Франс ќе трае од 2. јули до 24 јули. а Француските власти соопштија и дека за време на Европското, на Стад де Франс ќе има 1.200 безбедносни работници, а на останатите стадиони по 900 луѓе задолжени за безбедноста.
 
Министерот за внатрешни работи на Франција, Казнев соопшти и дека во Франција од ноември досега се уапсени 400 луѓе поврзани со тероризам а претрес е извршен во над 3.500 објекти.