Поим за фудбал во Брегот на Слоновата Коска е Дидие Дрогба (36). Со оглед на годините ова дефинитивно е неговиот последен Мундијал на кој со само едно појавување на терен ќе го одбележи неговиот јубилеен 100 настап. Сезонава во Галатасарај имаше солиден придонес во клубот со 10 погодоци.
Вториот фудбалер е исто така напаѓач од светска класа и еден од најславните фудбалери од Африка, Самуел Ето (33). Неговото богато интернационално искуство ќе биде од огромно значење за селекцијата на Камерун за која има 112 настапи.
Иако не е повеќе дел од најсилните европски лиги и замина на авантура во Јапонија, Диего Форлан (35), заедно со Суарез и Кавани се очекува во Уругвај да бидат многу незгодна напаѓачка тројка која ќе има голема поддршка на свој континент.
Делот со напаѓачи го завршуваме со најдобриот стрелец во историјата на германската селекција Мирослав Клосе (36), кој заедно со Герд Милер го држат приматот со по 68 голови. Напаѓачот на Лацио има 131 настап за Германија, а формата за Бразил ја темпира за да го надмине рекордот на домаќинот Роналдо, кој на Светските првенства има постигнато 15 голови, само еден повеќе од него.
Со иста возраст, четврт Мундијал и дел од Серија А е и Џиџи Буфон (36) кој од Светското во Јапонија и Јужна Кореја е незаменлив на голот на Италија со 139 настапи. Членот на италијанскиот шампион Јувентус важи за еден од најдобрите светски голмани кој ретко има падови во формата.
На СП 2002 година деби настап имаше и дефанзивецот на Белгија Даниел Ван Бујтен (36), но летово тој ќе го игра својот втор и последен Мундијал во кариерата на кој ќе сака да остави белег.
Листата базирана на искуство и добра форма со играчи над 30 години кои ќе ги гледаме во Бразил е долга, но ќе ја комплетираме со уште четири имиња, кои сигурно ќе бидат главни креатори во играта на своите селекции.
Тоа се Чави (34), кој со Шпанија ќе ја брани светската титулата, Стивен Џерард (34) кој имаше фантастична сезона со Ливерпул, Андреа Пирло (35), кој како старее игра се подобро и Франк Рибери (31) кој ќе биде главна алка во играта на Франција.