Фудбалскиот клуб Вардар денес слави 70-ти роденден. Цели седум децении Вардар ја градел и ја гради репутацијата на една од најголемите спортски институции во земјава.
Првиот голем успех на новоформираниот скопски клуб дошол во сезоната 1960/1961 кога “црвено-црните“ го освоиле тогашниот Куп на Југославија (26. мај 1961), освоен со головите на Николовски и Илиевски во финалето против хрватски Вартекс. Трофејот го кренале на стадионот ЈНА во Белград.
Интересно, на Основачкото собрание се прифатил предлогот за клупски бои да бидат земени сината и белата комбинација која што била и на грбот на клубот од главниот град, но потоа членовите на Управниот одбор решиле да ги сменат боите во црвено и бела.
Оваа комбинација бои го претставувала Спортското друштво Вардар околу 17 години, но по катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година црвената и црната боја биле прифатени како конечни бои по кои Вардар е препознатлив ден-денес.
Прв претседател на Вардар бил Ангеле Божиновски а во текот на историјата многу пати се менувале раководните лица. Тешка деценија Вардар преживеа од 2004 до 2014, особено во 2010 кога клубот се бореше буквално за гол опстанок.
Во 2014 година рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко го купи ракометниот и фудбалскиот клуб Вардар и за само три години донесе фантастични успеси и одлични услови за работа.
40 години по основањето, вардаровата ’Златна генерација’ ја освои најдрагоцената титула во клупската историја кога стана шампион на поранешна Југославија откако ги победуваше најголемите ривали. Оваа титула била прославена во домот на Вардар, Градскиот стадион во Скопје.
И покрај политичките, друштвените и социјалните потреси на ова поднебје, актуелниот шампион на државата гордо стоеше на нозе и по осамостојувањето на Република Македонија кога освои три титули по ред. Доминацијата во домашното првенство Вардар ја потврдува и во последниве шест години, период во кој се радуваше на дури пет титули.
Рекордер по бројот на одиграни настапи е иконата на клубот, Кочо Димитровски со 845 меча за Вардар. Легендарниот Андон Дончевски е најдобар стрелец во историјата на клубот со 217 гола.
Тренер кој на Вардар му донесе најмногу трофеи е Ѓоко Хаџиевски кој го збогати музејот на клубот со пет шампионски титули и два пехари од Купот. Најдобар стрелец во евро-куповите за Вардар е Бразилецот Вандеир кој постигна 12 гола а најпосетен меч во историјата на Вардар е оној од квалификациите за ЛШ 2012/2013 против Бате Борисов кога на „Градски“ имаше повеќе од 30.000 гледачи.
Вардарци имаа убава замисла по повод прославата да одржат силен меѓународен фудбалски турнир на кој би поканиле некои од најсилните клубови од континентот, но УЕФА Супер Купот на 8. август во Скопје ги примора да отстапат од идејата која во иднина би можела да се реализира.
Од сајтот на клубот информираат дека клубот подготвува Монографија по повод 70 години ФК Вардар, а се пристапува и кон снимање на документарен филм, изложба на фотографии од историјата на скопскиот состав.
Овој прекрасен јубилеј е дополнителен мотив навивачите на Вардар од земјава во вторник до последно место да го наполнат стадионот во Скопје и да ги бодрат своите миленици на патот кон уште еден голем успех, овојпат против данскиот Копенхаген во 3. коло од квалификациите за Лига на шампиони.