Не дека во македонската трета лига не се случуваат вакви лудории, ама барем од руската трета лига имаме видео, па можеме да фатиме сеир.
Минатата недела резервниот тим на Терек Грозни славеше победа од 2:0 над вториот тим на Аланија, а главната улога на овој натпревар ја имаше судијата кој или бил потплатен или пак и Чеченците имаат некој фамозен тунел каде играат боксови и пиштоли.
Фудбалерите на Терек едноставно мораа да водат на полувреме, па судијата мораше да им додели дури три пенали за четири минути за тие да постигнат барем еден гол.
Првата судиска одлука делува оправдана, вториот пат судијата свирна откако еден од фудбалерите на Грозни си се фрли, а за третиот пенал на судијата му се изнасмеаа дури и домаќините.