За време на панел дискусијата на телото за натпреварување на УЕФА беше донесена одлука која ќе им оди во прилог на екипите кои до крај се борат во европските купови.
УЕФА соопшти дека од годинава во 1/4 финалето ќе се бришат заработените жолти картони, така што играчите ќе можат послободно да влезат во дуелите од 1/2 финалето и комотно да играат за влез во финалниот дуел.
Во минатото многу важни играчи пропуштаа натпревари во завршницата поради суспензија од жолти картони. Легендарното финале од ЛШ во 1999 година меѓу Манчестер Јунајтед и Баерн го пропуштија Рој Кин и Пол Сколс, поради жолти картони заработени во полуфиналето против Јувентус.
Нешто слично му се случи и на Челси кога во Минхен пред две години го победи Баерн на пенали. Тогашниот тренер Ди Матео не можеше да смета на дури тројца играчи од првиот тим. Од трибините мечот го гледаа Ивановиќ, Меирелес и Рамиреш.
Од друга страна, пак, Баерн настапи без Алаба, Бадштубер и Луиз Густаво, сите суспендирани поради парни жолти картони.