Минатата недела во Израел започна Европското првенство за играчи до 21 година на кое 3 репрезентации беа „казнети" затоа што имаат многу добри фудбалери. Поточно, дел од фудбалерите имаат квалитет за да играат и во сениорските тимови, па заради лошото планирање од страна на УЕФА, тие не можат да настапат во Израел.
Селекторот на младата репрезентација на Норвешка не може да смета на 4 ѕвезди кои заради клучниот натпревар на сениорите против Албанија, ги пропуштија првите натпревари против Израел и Англија. Еден од нив е нивниот клучен играч Харвард Нордвеит од Борусија Менхенгладбах, а првиот натпревар го пропуштија и Ваљон Бериша од Салцбург, Маркус Хенриксен од АЗ и Џошуа Кинг од Блекбурн.
Русија имаше слични проблеми. Фабио Капело во составот за натпреварот против Португалија го повика Алан Ѕагоев кој беше најдобар на ЕУРО 2012. Покрај него, во сениорскиот тим се најдоа и Фјодор Смолов и Александр Кокорин. Тие го пропуштија првиот натпревар против Шпанија, но стигнаа на време за дуелот со Холандија.
Големи проблеми имаше и селекторот на италијанската репрезентација. Фудбалерите на Милан, Стефан Ел Шарави и Матија Де Шиљо беа вклучени во сениорскиот тим за квалификацискиот натпревар против Чешка и во репрезентацијата која ќе настапи на Купот на конфедерациите. Селекторот на младите реши воопшто да не ги повика, па Европското првенство за играчи до 21 година остана без две од најголемите ѕвезди.
Сениорските тимови на петте други репрезентации - Шпанија, Германија, Холандија, Англија и Израел немаа натпревари во јуни, па нивните селектори ги имаа на располагање сите фудбалери и тие на еден начин беа фаворизирани во однос на Норвешка, Русија и Италија.
Оттука се поставува прашањето - толку ли беше тешко УЕФА да направи поинаков распоред? Стартот на Европското првенство за играчи до 21 година можеше да биде поместен за неколку денови, а сениорите можеа да играат порано. Фудбалската сезона во лигите заврши кон крајот на мај, па сениорите своите натпревари можеа да ги одиграат во среда наместо во петок.
Сениорите можеа да играат на 5 јуни, а Европското првенство за фудбалери до 21 година можеше да започне на 10 јуни и многу проблеми ќе беа решени. На овој начин УЕФА сама се порази со тоа што го направи првенството да изгледа безвредно затоа што неколку ѕвезди не може да настапат на него.