Брзо откако Скај Спортс соопшти дека Ди Франческо веќе не е тренер на „волчицата“, и дека негов наследник ќе биде Клаудио Раниери (попладнево потпиша договор), стигна и информацијата дека од клубот заминува и спортскиот директор Рамон Мончи.
Елиминацијата од Порто ја прелила чашата која се преполни и со дебаклот во градското дерби со Лацио (0-3), меч после кој во соблекувалната имало жестока расправија меѓу некои фудбалери и тренерот Еузебио Ди Франческо.
Што се однесува до Мончи, тој на „Олимпико“ дојде во април 2017 и во две години направи 50 трансфери на фудбалери: од продажба на играчи Мончи на Рома и донел 304,93 милиони евра а пазарел фудбалери за 223,2 милиони евра што значи дека Рома на ова поле е во плус од 81,73 милиони евра.
И покрај тоа што важи за најдобар спортски директор на светот, Мончи (роден 1968) не се снајде во „вечниот град“ каде дојде на голема врата. Во две сезони не успеа да освои ниту еден трофеј со Рома.
Сезонава Рома испадна од Купот на Италија во четвртфинале, во Лига на шампиони во осминафинале а во првенство допрва ја чека голема борба за четвртото место.
Со стар-нов тренер, Клаудио Раниери.