Трој Дини, легендата на Вотфорд кој се опамети во затвор

Последната победа на Вотфорд во Премиер лига, против Манчестер Јунајтед минатиот викенд, донесе и пар интересни факти. Поврзани се со Трој Дини, најголемата легенда на Хорнетси.

Вотфорд преживува тешка сезона во Премиер лигата. Освоија само 12 поени во првите 18 кола и се на последното место на табела заедно со Норич.

Екипата никако да се пронајде себе, а ни управата не е баш најсјајна. Доказ за тоа е смената на 4 тренери само сезонава, рекорд во лигата годинава.

Прв беше отпуштен Хави Гарсија после 3 порази и 1 нерешена. На негово место дојде одличниот шпански тренер Кике Санчез Флорез кој сепак се задржа само до 1 декември.

Тогаш управата решила да најде едно решение до крајот на сезоната и да не менува по секоја цена, а во тој период на одлучување, тимот го водеше тренерот на У23 екипата, Хајден Малинс.

Конечно, нов тренер на Вотфорд стана Најџел Пирсон. Токму со него на клупата Вотфорд направи големо изненадување и го совлада Манчестер Јунајтед со 2:0. Стрелци на головите беа Сар и Трој Дини.

Дини е капитен на тимот, но од почеток на сезоната поради повреда пропушти многу натпревари и забележа само 7 меча. Од тие 7, интересно на 4 домашни средби имал 4 различни тренери на стадионот „Викариџ Роуд“.

КЛУПСКА ЛЕГЕНДА СО ИНТЕРЕСНА СТОРИЈА

Дини е најдобар играч во клупската историја на Вотфорд. Прв стрелец е на вечната клупска листа со 124 гола на 378 натпревари.

Во Вотфорд пристигна во 2010 година, но две години подоцна заврши во затвор на 3 месеци поради жестока тепачка во некој локал во Бирмингем (љубителите на британската серија Пики Блајндерс знаат за какви пабови може да стане збор).

Но Дини не жали, напротив.

„Тоа што завршив во затвор беше најдобра работа која можеше да ми се случи. Затоа што 2 години претходно мислев дека сум многу голем човек само затоа што сите ги частам пијалаци. Сега сум среќен, оправен, се будам секое сабајле со помислата дека треба да и платам кирија на мајка ми“, раскажува Дини, за кого треба да се напомене дека заработува околу 3,3 милиони фунти годишно во Вотфорд.

Во затвор во Манчестер делел ќелија со двајца други затвореници на кои им ветил нешто, а во 2015-та година стоел на зборот.

Вотфорд успеа да влезе во Премиер лигата, а Дини ги донел „цимерите“ од затвор да го гледаат мечот меѓу неговиот тим и Манчестер Јунајтед.

„Знаев дека ќе успеам да одиграм макар уште еднаш против ’Црвените ѓаволи’“, додава тој.

Манчестер Јунајтед како да му е судбински. Против нив го постигна првиот овосезонски гол, екипата освои 3 круцијални бода и постави нов рекорд: 4 тренери во само една сезона и тоа на 4 домашни натпревари.

По големата победа, тој изјави дека не чувствувал никаков притисок:

„Прав притисок е да ја гледам мајка ми како работи три работи за да постигне се на време за Божиќ. Ова моево е само фудбал. Бев повреден три месеци, тоа е што е, продолживме да работиме. Им посакувам на сите среќен Божиќ“.

24 декември 2019 - 15:36