Гатузо е дефенитивно еден од симболите на силната генерација на Милан кој го носеше овој дрес од 1999-та до 2012-та и освои 10 трофеи: две Скудета, две титули Лига на шампиони, два Супер Купови на Италија и два Супер Купови на Европа, како и по еден Куп на Италија и Светско клупско првенство.
Иако не ја носеше капитенската лента, го сметаа за лидер во тимот и неуморен борец кој ораше по цел терен на секој меч за Милан. Топ 5 моменти од кариерата во чест на неговиот роденден.
Лига на шампиони која од сон стана реалност
„Многу пати сум преферирал добар натпревар во Лига на шампиони, отколку една убава жена“.
„Мојот сон од секогаш бил трофеј со Милан во ЛШ. Не случајно на рака го истетовирав датумот 28 мај 2003.
Две изјави со кои Гатузо ја искажува љубовта кон фудбалот, особено за Милан за кого од секогаш навивал. Сонот му се исполни во сезоната 2002/2003 кога Милан на Олд Трафорд беше подобар од Јувентус во изведувањето на пенали.
Тргнаа од квалификациите против Слован Либерец, во првата групна фаза се паднаа со Баерн, Депортиво и Ленс, во втора играа против Реал, Борусија и Локомотива, во четвртфинале го минаа Ајакс, а во полуфинале Интер.
Светска титула со Италија во 2006-та
Мундијалот во Германија за Гатузо беше под голем знак прашалник бидејќи на пријателски дуел против Швајцарија заработи тешка повреда на мускулот, но успеа да закрепне во рекордно време.
„Паднав во депресија. Уште еден селектор нема да ме повика, но јас му ветив на Липи дека ќе заздрав и тој веруваше во мене“, изјави Гатузо.
Тој не само што успеа да му се приклучи на тимот, туку беше лидер и главен мотиватор и на терен и надвор од него. Полуфиналето против Германија го играше со голем товар бидејќи ако добиеше жолт картон немаше да може да настапи во финале.
Перфектниот натпревар
3 мај 2007-ма се играше реванш полуфиналето од ЛШ против Манчестер Јунајтед и Кристијано Роналдо. Росонерите ги уништија Црвените ѓаволи со убедливи 3:0 и одиграа со срце и искуство.
Непотребно е да се каже дека меѓу главните актери на вечерта беше Рино Гатузо кој гризеше на терен. Таа победа им ги отвори вратите во Атина каде во финале му се одмаздија на Ливерпул.
Одигра повреден цел натпревар
Иако не спаѓа во убавите спомени, сепак овој пример е херојска реткост и голем ризик за секој спортист. На 7 декември 2008-ма по мечот меѓу Милан и Катанија, во 10-та минута Гатузо го повреди коленото, но одигра до крај.
Два дена по мечот магнетната резонанца покажа искинати лигаменти, повреда по која беше потребна операција и пауза од 6 месеци. Но Гатузо нема многу време за губење и се врати еден порано од најавеното.
„Го одиграв без проблеми натпреварот веројатно поради ентузијазмот кој го имам за работите кои ги правам во животот. Имам ентузијазам и смирен сум бидејќи секогаш размислувам дека во животот има луѓе на кои им е потешко од мене“, рече Гатузо.
Голот против Јувентус
На 5 март 2011-та во Торино се сретнаа Јувентус и Милан, меч клучен за Скудетото број 18 за Милан. Најдобар играч на мечот: Џенаро Гатузо кој како и по обичај ги остави срцето и душата на терен, истрча најмногу, а згора на се и го реши мечот со еден гол.
Гатузо во кариерата има постигнато 10 гола од кои 9 во првенство и еден во ЛШ, но овој сигурно му е омилен и нему и на навивачите на Милан.