На неколку месеци до почетокот на Европското првенство во Франција, домаќинот би можел да остане без еден од своите најдобри фудбалери. Скандалот со уценувањето меѓу Бензема и Валбуена до таа мера ја потресе фудбалска Франција, што првиот човек на сојузот најави исфрлање на деветката од репрезентацијата.
Судијата кој го води целиот случај смета дека поранешниот фудбалер на Лион би можел и натаму да биде врска на уценувачите со неговиот соиграч од репрезентацијатата, Матје Валбуена. Меѓу мерките на претпазливост кои му се изречени на Бензема, тој не смее да контактира со било кој од другите обвинети или жртвата, што е неизводливо во случај да биде повикан од селекторот Дешамп, пишува Л’Екип.
Олеснителна околност за Дешамп и Бензема е тоа што нема натпревари до следниот февруари кога ќе почнат пријателските средби како подготовки за ЕП 2016. До тогаш на потег е претседателот на федерацијата, Ле Гре кој ја користи можноста да го дистанцира Карим.
Сè укажува на тоа дека поради претпоставката на невиност, ФФФ ќе побара само привремено отстранување на Бензема, иако тоа ќе значи ускратување на Дешамп од својот најдобар стрелец во селекцијата.
Бензема покажа дека ја надминал кризата и заедно со Роналдо го изрешетаа Малме (8:0). На крајот од тој натпревар, шпанските новинари му поставувале прашања во врска со предметот, а Бензема одговорил:
„Фокусиран сум само на фудбалот. Може да кажете што сакате за мене, но мене ми е добро овде и мислам само на фудбалот и на луѓето што ми мислат добро. Останатото не е мој проблем. Чувствувам дека клубот и соиграчите имаат доверба во мене, исто и моето семејство. Играм за луѓето што ме сакаат. Реал е тим што не те напушта, во добро и лошо тие се зад мене. Пред сè претседателот", изјави Бензема после дуелот со Малме.
Останува прашањето дали Франција ќе го проголта случајот Бензема или ќе падне во искушение да го избрка својот најдобар стрелец и тоа пред почетокот на големото ЕП 2016.