Теророт над голманите од Халанд - никој како него досега во Премиер лига

По заминувањето на Серхио Агуеро, Пеп Гвардиола беше скептик дека ќе има некој кој ќе го надомести отсуството на Аргентинецот кој му ја донесе на клубот со децении чеканата титула. Летово на „Етихад“ дојде Норвежанецот Халанд кој ја натера цела Премиер лига да се држи за глава.

Начинот на кој најдобриот норвешки и еден од светски фудбалери ја започна авантурата во Манчестер Сити е неверојатен. Експлозивната партија во големото градски дерби со Јунајтед (3 гола и 2 асистенции) удри печат на најавите дека Халанд би можел да ги урне сите постоечки рекорди.

Ерлинг откако го декласираше Манчестер Јунајтед, од францускиот реномиран магазин Л’Екип доби оцена 10 што ја добиле само 13 играчи во историјата.

Халанд има 14 гола на 8 меча во Премиер лига! Во просек игра по 83,1 минута по натпревар и дава гол на секои 47,5 минути. Учинок каков што немал ниту еден шпиц во Премиер лига досега.

Норвешкиот ѕвер притоа има три хет-трика по ред во Премиер а за такво нешто му требаа само осум натпревари.

За неговата неверојатна ефикасност доволно говори и краткиот опис на стоперот на Сити, Лапорт. Како што налага традицијата, секој стрелец на хет-трик речиси секаде во светот, по крајот од мечот од судијата ја добива топката со која што е игран натпреварот, за спомен.

На таа топка обично се потпишуваат сите соиграчи, а шпанскиот стопер Лапорт напишал: „Веќе ти потпишав повеќе топки за хет-трик отколку што јас имам договори во кариерата“. И навистина е така, Лапорт досега од матичниот клуб Басконија потпишал со Атлетик Билбао од каде дојде во Манчестер Сити. Два договори во кариерата.

Халанд веќе постави и рекорд кој тешко некој ќе го стигне во скоро време. 3 хет-трика за само осум натпревари. На Мајкл Овен за ваков учинок му требале 48 натпреври, на Руд Ван Нистелрој 59 средби, на Фернандо Торес 64, на Енди Кол 65, на Кристијано Роналдо кој има вкупно 3 хет-трика му биле потребни 232 натпревари во Премиер. Лудите бројки на Халанд ги немаат ниту играчи како Дидие Дрогба, Франк Лампард, Алан Ширер итн.

Мохамед Салах и Сон од Тотенхем минатата сезона ја поделија наградата за најдобар стрелец во Премиер лига со 23 гола. А Ерлинг Халанд после 8 кола има 14 гола!

Во Англија веќе се пишува дека младиот Норвежанец би можел да се дрзне да го нападне и рекордот на легендарниот Дикси Дин кој во далечната сезона 1927/1928 како шпиц на Евертон постигнал 60 гола на 39 средби. Со мала забелешка дека во тоа време и не се играл професионален фудбал како денес со се што го следи.

Што се однесува до апсолутните рекорди за најмногу голови во сите натпреварувања во една сезона, Лионел Меси во 2011/2012 развали со 73 погодоци на 60 официјални натпревари. Во Ла Лига ги потопи голманите со дури 50 гола!

Ерлинг Халанд има само 21 година а досега во сите клубови каде што настапуваше беше неверојатно ефикасен: во Молде каде тренер му беше Оле Гунар Солскјер запиша 16 погодоци на 30 натпревари и тоа само со 17 години.

Во Ред Бул Салцбург Халанд даде 29 на 27 меча во Австрија а класата ја потврди во Бундеслига каде постави многу рекорди со 86 гола на 89 меча.

3 октомври 2022 - 14:41