Е таков беше Антонио Касано за кој и тренерот кој го откри изјави дека нема повеќе чаре за него. Се вика Еуџенио Фашети, човек во години кој сега има 78 и престана да се занимава со тренирање уште во 2004. Но ако го прашате за Антонио Касано ќе ви го каже следново:
„Еден од најголемите таленти кои сум ги видел со мои очи“
Токму тој талент го покажа уште на 17 години против Интер кој иако имаше играчи од калибарот на Роналдо, Виери и Рекоба, на стадионот Свети Никола сите останаа без зборови кога малиот Касано со мајсторија го реши мечот во последните минути.
Го доби прекарот „Талентот од Бари“ и на него остана и некако не се искажа до крај. Тоа го смета и Фашети на кој не му се верува дека неговиот пулен стигна до дереџе да не може да си најде клуб.
„Немаше никогаш да поверувам дека можеше вака да заврши. Се врати дома, во неговата Сампдорија и повторно се искара. Сега веќе мислам дека може да си закачи копачките на клинец. Штета бидејќи такви играчи ретко имам видено. Неговата иднина? Тешко. Си замина од Парма, се обиде повторно да се врати во Сампдорија и дека сега некој на 34 години ќе го земе повторно со таа мала минутажа во последниве две години, не ми се верува“.
Фашети го водеше Бари во Серија А две сезони од 1999-та до 2001-ва во кои Касано од меч во меч се повеќе покажуваше колку е талентиран. Неговиот ментор е разочаран што не направи поголема кариера.
„Го тренирав од дете и беше енормно голем талент. Со мене никогаш немаше проблеми, но потоа во кариерата направи многу работи кои се одлика на неговиот карактер. Многу сум разочаран бидејќи можеше да испише епоха за италијанскиот фудбал. Се работи за вонсериски талент кој не направи ништо да се подобри. Ако некој оди во Реал Мадрид во таква кондиција тоа значи дека не го разбрал фудбалот, бидејќи техничките способности не се доволни. Не сме се слушнале 7-8 години и ако сака може да зборуваме кога сака. Му имам објаснувано некои работи, но не ме слушаше“.
Со оглед на квалитетот и шансата да игра за екипи како Рома, Реал Мадрид, Милан и Интер, двете шампионски титули со Реал и Милан се премалку за неговата кариера која е преполна со скандали од пцуење судии, давање контроверзни изјави и извинување со солзи. Затоа и не доби доволно простор во репрезентација, само поради неговиот карактер, нешто слично како Балотели.
На телевизиско гостување Касано уште додека беше помлад изјави дека го мрзи да оди на тренинзи. Целото негово проблематично однесување кое никој не успеа да му го среди, потекнува уште од тешкото детство.
Растен е само со мајка бидејќи татко му ги напуштил кога Касано бил мал, а тој потоа се расипа, се движел во лоши кругови и не одел ниту во школо. Во 2010-та се ожени за ватерполистката Каролина Марсијалис со која има две деца, а едното го крстел Лионел, поради Меси.
Касано важеше за еден од најнадежните италијански напаѓачи кој немаше проблем да се снајде на сите позиции во нападот. Имаше одличен прием на топка, дриблинг, брзина, чувство и за асистенција и за гол, а деби настапот во меѓународни рамки му беше во Скопје, на мечот од Купот на УЕФА меѓу Вардар и Рома (1:1) кој се одигра на 15 октомври 2003-та.
По четирите сезони во Рома му понудија нов договор од 3,2 милиони евра по сезона, но го одби. Го бараа Јувентус и Интер, а битката за него ја доби Реал Мадрид. Тоа искуство не е за раскажување. Се појави во Мадрид здебелен и му дадоа фора да ослабе ако сака да биде во тим. За сезона и пол запиша само 19 настапи и 2 гола во Ла Лига.
Потоа му тргна одлично во Сампдорија каде го засакаа и остана три и пол сезони, но кога претседателот на клубот по еден натпревар се симна во соблекувална за му честита и да го извести дека градот Џенова сака да му врачи едно признание, тој го отера по ѓаволите само затоа што не сакаше да извози десетина километри до општината.
Првиот човек на Сампдорија веднаш го избрка од клубот и по авантурите во Милан, Интер и Парма, на 9 август 2015-та го официјализираше неговото враќање. Тоа одново внесе ентузијазам кај навивачите кои почнаа масовно да купуваат годишни билети.
Издржа една сезона и повторно правеше проблеми, а претседателот Масимо Фереро сега само на хартија го држи како член на Сампдорија. Оваа сезона на неговото конто има 0 настапи.