Спарта Прага и Слован Братислава се најтрофејните клубови во Чешка и Словачка, а нивниот последен меѓусебен дуел се одигра во сезоната 1992/1993-та, последната година од Чехословачка. Минатата година одиграа пријателска средба, а и покрај хулиганизмот присутен на двете страни, навивачите од Чешка и од Словачка никогаш немале сериозни проблеми едни со други.
Од 1994-та година па наваму, Спарта Прага освои 12 титули во независна Чешка, а исто толку трофеи во домашното првенство освои и Слован Братислава. Тимот од Братислава најголемиот успех во клупската историја го има во далечната 1969-та година кога во финалето на Купот на победниците на куповите бил подобар од Барселона 3:2.
По добриот старт на сезоната, Словаците убедливо ги загубија двата натпревари во Лигата на Европа, прво од Јанг Бојс (5:0), па од Наполи дома (0:4). Следуваше пораз и во домашното првенство од новиот прволигаш Подбрезова (1:0), по што клубот го отпушти тренерот Франтишек Страка кој нанижа 4 порази.
Токму Чехот Страка е играчка легенда на Спарта Прага (223 настапи од '79-та до '88-ма), а веднаш по отказот изјавил дека му е жал што нема да го води Слован во „носталгичното дерби“ од Лигата на Европа. Уште една легенда на Спарта Прага, Јозеф Чованец од помошник на Страка е промовиран во нов тренер на Слован Братислава.
За разлика од Слован, Спарта игра добро во домашното првенство, каде заостанува само еден бод зад Викторија Плзен и има 5 победи по ред. Чесите добро играат и во ЛЕ каде веќе имаат 3 бода, освоени против Јанг Бојс на домашен терен. Слован Братислава своите европски натпревари ги игра на Олимпискиот стадион, кој се наоѓа на само 400 метри од нивниот стар дом „Пашиенски“, на кој играа од 1940-та година. „Пашиенски“ не ги задоволува критериумите на УЕФА, по што ќе се реновира.
Дуелот Слован - Спарта Прага е закажан за четврток, од 19:00 часот во Братислава. Во истата група играат уште и Наполи и Јанг Бојс.