Снајдер станал играч на Интер благодарение на шанкер кој разговарал со Морати

15 години после тројната круна на Интер и 30 години откако Масимо Морати стана прв човек на клубот, приказната за трансферот на холандската ѕвезда звучи неверојатно.

Весникот Кориере дела Сера направи интервју со Масимо Морати по повод 30 години од преземањето на Интер, односно 1995-та, кога седна на претседателската фотеља.

Во неговиот 18 годишен стаж како претседател на тимот од Џузепе Меаца, Морати веројатно нема направено друг трансфер на ваков начин.

Звучи аматерски и шалабајзерски, но човекот беше полн погодок за тоа славно друштво во кое беше и Горан Пандев.

„Бев во Форте деи Марми, каде ме запре шанкер: „Претседателе, ни недостасува само еден играч. Оној кој ќе биде клучен во средниот ред. Снајдер.“

Зборуваше толку убедливо, што за да не направам грешка, му се јавив на Бранка и му реков да види со Мурињо. Бранка ми се прејави и ми рече дека Моурињо само извикал: Го посакувам“.

Почнавме преговори, кои напредуваа бидејќи Снајдер не добиваше минутажа во Реал. Никогаш повеќе не го видов тој шанкер. Сакав да му се заблагодарам“, објаснува Морати.

Весли Снајдер остана 3,5 сезони, беше клучна фигура во среден ред и замина со 116 настапи и 22 гола. Освои 6 трофеи меѓу кои и тројната круна.

На прашањето дали ти е жал за некој неостварен трансфер, Морати одговара:

„За Иниеста. Во фаза во која имавме огромна привлечност и економска моќ, не велам дека можевме да купиме секого, но речиси секого. Се обидовме со Барселона на секој начин, со дипломатски потези на повеќе фронтови, со посредници, лично се трошевме, почнавме преговори за да добиеме, како да кажам, дополнителен придонес во наша корист. Но, сепак Иниеста не беше за продажба“.

Уште големо име било во игра.

„Сопствениците на Рома во тоа време имаа проблеми со многу долгови. Претседателот беше толку очаен што отиде дотаму да ми го понуди Тоти. Плачеше. Тогаш Тоти можеби сепак ќе одбереше да остане во Рим, но како и да е го оставивме на мира. Фудбалски работи, сентиментални работи“, вели Морати.

19 февруари 2025 - 14:20