Фалкао, Волкот, Валдес, Роси и ред други славни играчи поради тешки повреди ја немаат таа среќа летово да патуваат на Мундијалот во Бразил. Герет Бејл за тоа време си најде доста исплатлива тезга, а Карлос Тевез ќе троши пари во најлудиот забавен парк.
„Не верувам дека ќе ги гледам натпреварите на Аргентина на тв. Веќе купив карти за во Дизниленд и им ветив на децата и сопругата дека ова лето сигурно ќе ги однесам“, изјави фудбалерот на Јувентус.
Тој оваа сезона игра во топ форма во Серија А и е втор стрелец со 18 голови. Неговиот тим е на прагот да стигне до нова титула во првенството, а во борба за пехар е и во Лигата на Европа каде стана полуфиналист.
Аргентинскиот напаѓач и покрај одличната форма не е дел од националниот тим веќе од 2011 година кога Алехандро Сабела стана селектор.