Шпанија е нов европски првак, Англија повторно на колена!

Селекцијата која покажа најмногу на Европското првенство, на крајот и заслужено стигна до пехарот. Шпанија ја совлада Англија 2-1 со победнички гол во самиот финиш. Шпанците рекордно со сите победи од почеток до крај стигнаа до трофејот.

Еуро 2024, финале:

ШПАНИЈА - АНГЛИЈА 2:1 (0:0)

Триумфот на Шпанија е и триумф на најубавиот фудбал на целиот турнир Евро 2024. Шпанија по четврти пат е шампион на Европа по титулите во 1964, 2008, 2013 и сега во 2024.

Репрезентацијата на Англија со спуштени глави заминува уште од едно финале по она загубеното во 2021-ва од Италија среде Лондон на „Вембли“.

Шпанците уште од самиот старт на големото финале на „Олимпискиот стадион“ во Берлин покажаа зошто како фаворит влегоа во битката за титулата.

Шпанија без пораз, со победничка серија од групна фаза и нокаут рундата стигна до големиот пехар.

Во првиот дел селекцијата на Луис де ла Фуента тргна офанзивно, а на другата страна Англија како од почетокот на Европското реши поголем акцент да стави на својот гол.

„Црвената фурија“ создаде неколку шанси во првите 45 минути но Џордан Пикфорд беше на висина на својата задача и го сочува својот гол во првиот дел.

Но тоа што Шпанија не успеа да го реализира во првиот дел, успеа на самиот старт на вториот дел. Нико Вилијамс, едно од најголемите откритија на Еуро2024 постигна преубав гол за водство на Шпанците.

Од тој момент Англичаните ставија се на една карта, селекторот Саутгејт ги внесе Оли Воткинс и Кол Палмер, а токму фудбалерот на Челси донесе израмнување во 73' минута:

Голот на Англија донесе огромна радост меѓу илјадниците англиски навивачи кои веруваа во пресврт.

Но сонот им го урна Микел Ојарзабал, шпицот на Реал Сосиедад кој влезе како резерва и беше главен адут на Шпанците. Погодок во 87' минута за 2-1, победа која на Шпанија и ја донесе четвртата европска титула во историјата:

Во 90’ минута Дани Олмо спаси чист гол од гол линија по шутот на Марк Гуеји и ја сочува победата на Шпанците.

Англија, од друга страна на пехар чека 60 години. Ова им е второ загубено финале на Европско првенство по ред по поразот во 2021-ва од Италија на пенали на домашен терен во Лондон.

За играч на првенството е прогласен Родри од Манчестер Сити, а најдобар играч на финалето е Нико Вилијамс.

Првото место за најдобар стрелец го делат неколку играчи. По три погодоци постигнаа Коди Гакпо, Дани Олмо, Георгес Микаутадзе, Хери Кејн, Иван Шранц и Џамал Мусиала.

14 јули 2024 - 23:06