Шкотскиот Меси ќе игра за Спортинг Лисабон во ЛШ

Иако игра за вториот тим на португалскиот гигант, Рајан Гаулд се најде на списокот играчи на Спортинг кои ќе им се спротивстават на Челси, Шалке 04 и Марибор во Лигата на шампионите.

Спортинг Лисабон летово ја победи конкуренцијата во обидите да го купи 18-годишниот Шкотланѓанец од редовите на Данди Јунајтед за 3 милиони фунти и Гаулд потпиша 6-годишен договор со тимот од Лисабон.

Станува збор за офанзивен играч за врска кој на теренот често изгледа како Лео Меси, асистира, дава голови и ги поврзува одбраната и нападот. Неделава постигна два гола за младинската репрезентација на Шкотска во победата од 3:0 против Луксембург.

„Веднаш по квалификацискиот дуел дознав дека клубот ме регистрирал за натпреварите од Лигата на шампионите. Прекрасно се чувствувам само кога ќе помислам дека може да настапам во дуелите против Челси, Шалке и Марибор", изјавил Гаулд за британските медиуми.

Младиот Шкотланѓанец ќе биде единствениот претставник од оваа земја во Лигата на шампионите, затоа што Селтик испадна од Марибор во плејофот, а Дарен Флечер и Манчестер Јунајтед не се пласираа во Европа.

Со брзината и одличната техника, Гаулд станал стандарден играч на Спортинг Б тимот кој игра во втората португалска лига, а од септември често тренира и со првата екипа.

„Добив многу честитки, но и барања за карти за натпреварите од Лигата на шампионите. Иако за кратко време го поминав патот од шкотската втора лига, до елитната ЛШ, се' уште сум на земја и напорно работам", вели Гаулд, за кого беа заинтересирани Арсенал, Тотенхем и Селтик.

Прилично слабиот квалитет на фудбалот во шкотското првенство е причина што Гаулд морал повеќе да запне кога потпишал со Спортинг Лисабон.

„Темпото на игра во Португалија е многу близу до интернационалните натпревари. Кога играш во шкотската лига, многу ти е потешко да играш во Европа, затоа што во Шкотска се игра многу побавен фудбал. Од кога сум во Спортинг, лесно се адаптирав на брзиот стил на игра кој мене повеќе ми одговара", констатирал Гаулд.

Веднаш по договорот летово, Спортинг ставил откупна клаузула од 47.8 милиони евра за оној што ќе сака во иднина да го купи шкотскиот Меси.

10 септември 2014 - 10:24