На толку многу стории кои ги носи фудбалот, ваква немате слушнато, бидејќи носи приказна за тоа како можете од петта норвешка лига, за три недели да стигнете до Лига на шампиони? И тоа да победите многу појак клуб. Без примен гол.
Тоа му се случи на Нилс Џонатан Јохансон, кој од синоќа има целосно право да верува во бајки.
31 годишниот шведски голман кој го нема на Википедија и кој настапувал за екипи како Нотоден, Стордлс Блинк и Ранхајм, поради недостик на мотивација решил да се пензионира во 2021-ва.
Но кога се преселил во Осло, му се вратил ентузијазам и се пријавил во петтолигашот Мајорстун. Ама не како голман, туку на позиција централен бек.
Играл чисто од љубов и во периодот април/мај заиграл на 5 средби. На тие натпревари неговиот тим освоил само 4 бода, три пати примиле по 3 гола и два пати по 4.
И покрај тоа добил телефонски повик, целосно неочекуван. Му се јавил Магне Хосет, тренерот на Клаксвикар од Фарски Острови.
Што било муабетот? Еден од двајцата голмани му се повредил, па му требал резерва на краток рок колку да седи на клупа до крајот на сезоната.
Хосет, инаку поранешен репрезентативец на Норвешка се сетил на Јохансон бидејќи биле клупски колеги во сезоната 2016/2017. Јохансон се согласил да помогне како замена до месец август.
„Му реков дека не сум бранел две години, но тој веруваше во мене и сметаше дека мојата рутина ќе биде доволна“, вели Јохансон.
Потоа одеднаш се повредил и првиот голман и единствената опција била да брани тој. Со две годишна голманска пауза зад себе и чисто рекративен фудбал во аматерска категорија на друга позиција, Нилс Џонатан Јохансон го чувал голот на Клаксвикар и станал шампион на Фарски Острови.
И не само тоа, туку бил приморан да брани и во првата квалификациска рунда од ЛШ во која неговиот тим се паднал против шампионот на Унгарија, Ференцварош, инаку изразит фаворит.
Внимавајте добро на резултатите на двете средби. На 11 јули дома извадиле 0:0, а на гости синоќа ги совладаа со 0:3. Бомбастично изненадување и тоа без примен гол.
Шампионот на Фарски Острови од 43-та лига според рангот на УЕФА го елиминираше 34 кратниот првак на Унгарија кој се натпреварува во 26-та најсилна лига во Европа.
„Надреално. Кога почна летото, не мислев дека ќе играм против Ференцварош каде играат многу репрезентативци. Неверојатно“, изјави шведскиот падобранец кој на двата меча остана несовладан.
Сега со Клаксвик го чека уште поголем предизвик и тоа против негови сонародници, а тоа се шведските прваци Хакен од Гетеборг во второто квалификациско коло, каде се пласираа за втор пат во историјата.
Пензионираниот голман кој дефинитивно е сензација број 1 во ЛШ летово, почнал да размислува за својата иднина и за продолжување на соработката.
„Ова што го доживувам сега е сè уште само авантура за мене. Ќе видиме дали мотивацијата ќе остане“.
Инаку унгарскиот првак е посрамотен дома од клуб кој доаѓа од град со 5.062 жители.
🇫🇴 Klaksvíkar Ítróttarfelag smash Hungarian champions Ferencváros 0-3 in Budapest.
— The Euro Guys (@TheEuroGuys) July 19, 2023
📍Based in the town of Klaksvík, the second largest town in the Faroe Islands behind Tórshavn.
Population is just 5,062! Embarrassing night for the Hungarians. #UCL pic.twitter.com/CZiRFItJSS