Се додели првиот зелен картон во фудбал

Не, не е тоа зелен картон за кола без кој не можете да поминете преку граница, туку зелен картон без кој можете, но би било фино да го добиете на фудбалски натпревар. Ќе ви ги бројат за убаво.

Кој е првиот фудбалер во историјата кој добил жолт, а кој црвен картон не знаеме, тоа треба да се прочепка по интернетов, но го имаме името на првиот фудбалер кој испиша една нова поинаква историја во фудбалот. Доби зелен картон.

Се вика Кристијан Галано и игра за италијанскиот второлигаш Виченца, а зелениот картон му го додели судијата на мечот против Ентела. Во 8 минута беше досуден корнер за Виченца, а Кристијан му кажа на судијата нека одлуката му е погрешна бидејќи топката од никој не се одбила.

За разлика од црвениот и жолтиот картон, зелениот е еден вид на фер плеј спрема фудбалската игра и една форма на културно однесување спротивно на острите прекршоци, глумењето фаули и протестирањето кај судиите.

„Овој прв зелен картон кој го доби наш играч претставува еден симболичен момент од голема вредност во нашето првенство. Тоа е нашата борба за вистински и коректен фудбал кој има потреба од вакви примери и кој ја респектираат работата на судиите“, изјави претседателот на Серија Б.

Втората италијанската лига е прва која го воведе зелениот картон минатата сезона во соработка со Здружението на италијански судии. Во сезоната 2015/2016 во Серија Б регистрирани се 229 црвени картони, што е рекорд во Европа и тоа се 42 повеќе од претходната сезона.

Лигата лани бележала и зголемување на недисциплината кај тренерите кои ланска сезона добиле 53 црвени картони, а прекланска 36.

Од црвениот картон автоматски се добива и супензија, но од зелениот има бенефит. Тој што ќе има најмногу во текот на една сезона на крајот ќе добие награда.

Инаку додека Мишел Платини беше прв човек на УЕФА имаше идеја и за воведување на бел картон, а тоа значи исклучување на играчите кои се однесуваат кон судиите над дозволеното на 10 минути.

4 октомври 2016 - 17:01