На нашите простори фудбалските клубови со години само разговараат за некакво обединување и формирање на регионална фудбалска лига, но фудбалот и натаму си тоне.
На некои други простори, се превземаат и конкретни чекори. Првиот човек на најмоќната компанија во Русија, Алексеј Милер минатата година доби идеја за заедничка фудбалска лига со Украина и по неколку месеци веќе говори и за конкретни термини.
Неодамна во седиштето на компанијата се одржал состанок на 15 фудбалски клубови од Русија и Украина. Челниците на Гаспром ветиле награден фонд од 1 милијарда евра, а секој клуб само за учеството ќе добијат по 10 милиони евра.
Компанијата Гаспром инаку е спонзор на Лигата на шампиони и освен фудбалскиот клуб Зенит, има клубови и уште во 5 други држави во Европа.
Единствен проблем може да претставува дозволата од УЕФА, но се очекува европската куќа на фудбалот да и прогледа низ прсти на лигата со која делат заеднички спонзор.
Првиот човек на Гаспром најави дека реални се нивните очекувања дека лигата ќе стартува на есен во 2014-та година, но доколку не стигнат на време, лигата ќе стартува на есен во 2015-та и ќе заврши во пролет во 2016-та година.