Чешка и Португалија одиграа израмнето прво полувреме без премногу сериозни шанси. Во текот на првите 45 минути имаше само еден удар во рамките на голот и тоа кон голот на Чешка, а најголемото возбудување се случи во првата минута од судиското продолжение кога Кристијано Роналдо се ослободи во шестнаесетникот и биеше кон голот, но ја погоди стативата.
По три минути во второто полувреме Кристијано Роналдо повторно ја погоди стативата откако биеше од слободен удар од околу 25 метри. Тоа беше четврти пат на ова Европско првенство како Роналдо ја погоди рамката на голот.
Фудбалерите на Португалија продолжија да напаѓаат и во 59-та минута Алмеида ја затресе мрежата, но овој гол беше оправдано поништен заради офсајд, а во продолжение Петр Чех успеа да го одбрани својот гол по шансите на Мутињо и Нани.
На десет минути пред крајот, по две стативи Роналдо конечно имаше среќа. Жоао Мутињо нафрли од десната страна, а Роналдо одлично се уфрли во шестнаесетникот и со глава ја затресе мрежата на Чех. Третиот гол на Кристијано Роналдо на ова Европско првенство беше доволен за четврто полуфинале во историјата на Чешка.
Во полуфиналето Португалија ќе се сретне со подобриот од дуелот помеѓу Франција и Шпанија.