Резил на Бразил со рекордни седум примени голови

Германската машинерија испиша нова историја на 20 Светско фудбалско првенство. Со триумф од 7:1 немилосрдните избраници на Јоаким Лев ја остварија највисоката победа на полуфиналните средби на Мундијалите.  

Германија - Бразил 7:1
Милер 11` Клосе 23` Крос 24` 26` Кедира 29` Ширле 69` 79` - Оскар 90`

8 јули 2014 година ќе биде запаметен како најнеславен ден за земјата која живее за фудбалот. Селекцијата на Бразил влезе како фаворит за освојување на титулата на Мундијалот на свој терен, но сонот за шестиот „Златен пехар“ им го сруши германскиот состав кој до 29 минута го расплаче Бело Хоризонте со пет парчиња. 

Перфектната вечер за Германците долго ќе ја памети ветеранот Мирослав Клосе кој на своето четврто учество на Светските првенства стигна до посакуваната бројка од 16 голови и го мина Роналдо на вечната листа на стрелци.

9 јули 2014 - 00:14