Реал Мадрид рутински до пехар во Супер Купот, Мбапе со гол на дебито

На фантастичниот Национален стадион во Варшава, пред преполни трибини, Реал Мадрид вечерва рутински ја совлада Аталанта во европскиот Супер Куп и по рекорден шести пат стигна до пехарот од овој натпревар.

Аталанта која првпат во клупската историја играше во меч за Супер Купот откако претходно го растури Баер Леверкузен со 3-0 во финалето на Лига Европа, пружи каков таков достоен отпор против моќниот Реал Мадрид.

„Кралскиот клуб“ го покажа сиот раскош со неверојатното трио Белингем-Винисиус-Мбапе но Бергамашите добро се бранеа во првиот дел а создадоа и по некоја контра за да го загреат Куртоа.

Првиот дел заврши без голови, а Реал прв го скрши мразот во 58' минута преку Феде Валверде:

Набрзо и Килијан Мбапе го постигна својот првенец во Реал, на своето деби, во 68' минута за 2-0:

Тоа беше конечен резултат со кој Реал Мадрид стигна до нов шампионски пехар од Супер Купот. А истовремено Лука Модриќ стана рекордер по број на трофеи (27) освоени со Реал Мадрид. 

Карло Анчелоти го освои 14. трофеј како тренер на Реал Мадрид во два мандати (2013/2015 и 2021/2024) и се израмни на вечната листа најтрофејни тренери на Реал со Муњоз кој го водел тимот од 1959 до 1974-та.

Зинедин Зидан е трет со 11 трофеи за 4 години (2016/2018 и 2019/2021). Осум пехари на Реал му донел Луис Моловњи од 1977 до 1986.

14 август 2024 - 23:04