Фудбалскиот сојуз на Албанија, предводен од претседателот Армaнд Дука и селекторот Џани де Бјази соопштија дека ќе се жалат на изречените казни.
„Не сме задоволни, ќе се жалиме на одлуката. Нашата правна битка продолжува. Нашите аргументи се силни, заслуживме три бода и убедени сме во тоа", пишува во соопштението на АФФ.
Дисциплинската комисија на УЕФА денес ги објави казните, според кои прекинатиот меч се регистрира со службени 3:0 за Србија, но на Србите истовремено им се одземени и три бода и два натпревари на домашен терен без гледачи. Двата сојузи ќе мора да платат и по 100.000 евра во касата на УЕФА.
„Со оваа одлука не добивме никаква правда, само ни е одземено она што го освоивме на терен. Заслуживме натпреварот да се регистрира во наша корист. Со одлуката ние сме повеќе оштетени. Тешко ми е да прифатам дека сме казнети на повеќе страни. Одлуката е чудна и неприфатлива", изјави селекторот на Албанија, Италијанецот Џани Де Бјази.
Во целиот куп изјави, повторно се јави и албанскиот премиер Еди Рама, кој смета дека одлуката на УЕФА не е праведна.
„Фудбалскиот сојуз на Албанија ќе направи добро ако отвори судска постапка до крај. Денеска немаше правда за она што се случи на стадионот во Белград. Напред Албанија!", напиша Рама на Твитер.
Подоцна денес, на вонредна прес конференција во нивната куќа на фудбалот се огласи и српската страна, предводена од претседателот Томислав Караџиќ и секретарот Зоран Лаковиќ.
„Контрадиктортноста во процесот на одлучување - натпреварот е регистриран со службен резултат 3:0 во корист на Србија, а следеше одземање на бодови само на нашата селекција. Во истиот момент е докажана и вина кај противничката страна, а само нас ни се одземаа бодови кои преставуваат 12,5 одсто од вкупниот број бодови кои може да ги освои еден тим во групата. Казната е преседан во историјата на фудбалот“, стои во соопштението на фудбалскиот сојуз на Србија.
Претседателот на ФСС, Караџиќ вели дека српскиот фудбал редовно е инструмент на кој се пробуваат нови модуси во дисциплинско - казнената политика на УЕФА. Незадоволство од казната за фудбал без гледачи изрази и данскиот фудбалски сојуз.
„Гледајќи напред, ќе ги вложиме сите можни напори казната да не влијае и врз данските навивачи кои веќе купија карти за натпреварот во Белград. Не ни е јасно зошто да нашите луѓе нема да можат да ја гледаат репрезентацијата“, изјави Клаус Бретон-Мејер, претседателот на данската федарација.
Бретон најави и дека дополнително ќе ги контактира срспкиот сојуз и УЕФА, за да им се гарантира безбедност на данските репрезентативци кои против Србија играат на 14-ти ноември годинава.