Рамон Родригез Мончи - трговецот од Андалузија што прави чуда

Човекот кој во Севиља дојде пред 15 години, на клубот му донесе 200 милиони евра, четири трофеи во Лигата на Европа и покажа дека шпанскиот фудбал не се само Реал и Барселона.

Улогата спортски директор е клучна во функционирањето на секој клуб, а Севиља го има најдобриот на таа позиција. Рамон Родригез Вердехо попознат како Мончи е вистинска икона за навивачите на клубот од Андалузија.
 
Мончи дојде на Санчез Писхуан во 2000. година и од тогаш до денес од второлигаш успеа да направи гигант во европски рамки. Во период од 15 години, Севиља успеа да освои двојно повеќе трофеи отколку што освои во претходните 110 години.
 
Во 21 век Севиља за една деценија успеа два пати да го освои Кралскиот куп и суперкупот, како и четири пати Лигата на Европа. Покрај тоа, овој клуб стана побогат за неверојатни 200 милиони евра.

Првиот сериозен бизнис на Мончи беше Хозе Антонио Рејес, златното момче на шпанскиот фудбал. Дете на Севиља кое замина во Арсенал за 30 милиони евра на 20 години. После 8 години се врати во Андалузија од Атлетико Мадрид за 4 милиони евра.
 
Вреќи со пари Мончи донесе и во случајот на Жулио Баптиста. Севиља го купи Бразилецот за 3 милиони евра, а тој во две сезони даде 50 голови иако играше во средината на теренот. Тоа беше причина Реал Мадрид да искешира 20 милиони евра, а Жулио Баптиста никогаш повеќе не беше истиот играч како на југот од Шпанија.

Најпознатиот трансфер е оној на сегашниот капитен на Реал Мадрид, Серхио Рамос. Дефанзивецот во Севиља одигра само една сезона, колку што беше доволно Кралевите да загризат и да го купат тинејџерот за 27 милиони евра. Во 2008. година, Севиља на Барса ѝ го продаде Дани Алвеш за 35 милиони евра, а колкав генијалец е Мончи потврдува фактот што Бразилецот претходно го купија од Баија во 2003. година за 1.350.000 евра.
 
Мончи држеше предавање од трговија и во трансферите на Алваро Негредо (25 милиони евра) и Хесус Навас, кој после 300 настапи за Севиља замина во Сити за 20 милиони евра. Следуваа трансферите на Алберто Морено во Ливерпул и Иван Ракитиќ во Барса, за кој Мончи доби по 18 милиони евра. Хрватот во Севиља претходно дојде од Шалке за скромни 2,5 милиони евра.

Клупската каса на Севиља дополнително се наполни летово. За Алекс Видал Барселона даде 18 милиони евра (во Севиља дојде за 4 милиони од Алмерија), а Милан за Карлос Бака искешира високи 30 милиони евра. Мончи е човекот што го откри и Кондогбија, главната ѕвезда на италијанскиот пазар летово кој потпиша со Интер, а во 2013-та Севиља го продаде во Монако за 24,2 милиони евра. Договорот на фамозниот трговец Мончи со Севиља е до 2016. година, а за него интерес веќе покажаа Баерн Минхен, Зенит и Тотенхем, но тој изјави „Јас сум повеќе Севиљиста, отколку спортски директор. Останувам овде до кога ќе ме сакаат“.
 
Во меѓувреме Мончи во сенка го договори најдобриот украински фудбалер, Јевхен Конопљанка и тоа без обештетување, како слободен играч и Данецот Михаел Крон Дали од Селта кој исто дојде без надомест.