Прв работен ден во Јувентус на економистот Џорџо Кјелини, што ќе му бидат обврските?

Легендарниот капитен и столб на одбраната на Јуве се врати во својот дом во кој престојуваше 17 години. Улогата која ја доби е невообичаена за фудбалер, но сепак ќе работи по струка.

Кјелини денеска почна со работа во Јувентус и практично се врати во клубот со кој освои 9 Скудета, а потоа замина во 2022-та во Лос Анџелес каде пред 10 месеци ја заврши играчката кариера.

Учествуваше на вообичаениот институционален ручек организиран од УЕФА, кој се одржува на денот од секој натпревар од ЛШ со претставници на двата клуба. Тоа му беше првата работна активност.

Која му е функцијата?

Кјелини нема да работи во спортскиот дел, туку ќе биде одговорен за односите со домашните и меѓународните институции.

Ќе ги следи корпоративните области како приходи, финансии, човечки ресурси и правни. Новиот пат што му го овозможува клубот после играњето фудбал е оној како важна фигура во менаџирањето.

Да потсетиме, славниот капитен на Јуве дипломираше економија и менаџмент на Универзитетот во Торино. Што е реткост за фудбалер, со оглед на тоа што многу играчи, од школо имаат само голем одмор.

Патот

Случајот со Кјелини е нетипичен, бидејќи обично легендите добиваат некоја спортска улога, како што се случаите со Ибрахимовиќ во Милан, Ди Вајо во Болоња, Недвед во Јувентус.

Новата кариера на Џорџо ќе биде многу поинаква и ќе биде поврзана со фунционирањето на клубот како институција.

Првиот работен ден

Функцијата ја презеде во својата нова канцеларија во пресрет на вечерашниот натпревар меѓу Јуве и ПСВ, прв во ЛШ по околу 700 дена отсуство на клубот во најелитното клупско европско натпреварување.

Прво беше во канцеларија за да се претстави во ново руво во средина која неизбежно ја дефинираше како дома, со добредојде од директорите. Првиот официјален настап односно работна обврска му беше работниот ручек со УЕФА.

Кам бекот дома

Поранешниот дефанзивец не ја криеше возбудата за враќањето дома, без разлика што тоа е во друга форма.

„Црнобелите се дел од мене. Овие бои отсекогаш сум ги чувствувал во мене, а клубот во моето лично и професионално патување претставуваше многу. Ентузијаст сум за новата авантура и свесен за одговорностите. Едвај чекам да дадам придонес и со истата страст како и секогаш да го одведам Јувентус кон нови цели“, напиша Кјелини.

Клубот не чекаше долго за да му одговори со „Добредојде назад“, а навивачите тоа ќе го сторат вечерва на стадион.

17 септември 2024 - 15:04